Barış Gündoğan
25 Март 2020•Ажурирај: 26 Март 2020
АНКАРА (АА) - Турскиот министер за здравство, Фахретин Коџа, соопшти дека двајца пациенти, дијагностицирани со новиот вид коронавирус (Ковид-19), се излекувани, јавува Агенција Анадолија (АА).
Турскиот министер Коџа и министерот за образование, Зија Селчук, одржаа заедничка прес-конференција по состанокот на Научниот комитет за коронавирусот.
Осврнувајќи се на последните состојби со новиот вид коронавирус, Коџа нагласи: „Науката денес не може да даде големи ветувања. Ова е нов и сè уште непознат непријател на здравјето на човекот.“
Министерот истакна дека успехот на борбата против коронавирусот зависи од сите луѓе поединечно, и рече дека бројот на заболени од средна возраст не е мал.
„Вирусот не прави разлика помеѓу млади, стари и средовечни. Нашата желба за излегување надвор од домовите нема да трае долго ако ги спроведеме предложените мерки“, нагласи Коџа.
Истакна дека двајца пациенти дијагностицирани со Ковид-19 се излекувани. „Еден од нашите пациенти на 65-годишна возраст, кој на интензивна нега остана 8 дена, вчера беше пуштен дома. Друг наш пациент на 60-годишна возраст денес е пуштен од болница“, нагласи Коџа.
Министерот рече дека во дигитална форма секојдневно ќе се даваат информации за вкупниот број на пациенти, направените тестови, починатите, пациентите во интензивна нега и за излекуваните.
Истакнувајќи дека со лековите донесени од Кина започнало лекувањето на 136 пациенти кои се наоѓаат на интензивна нега, Коџа потенцираше дека нема потреба да се прави тестирање на 83 милиони луѓе и дека таква практика не постои никаде во светот.
Турскиот министер за образование, Зија Селчук, изјави дека по предлог на Научниот комитет, во рамките на борбата против новиот вид коронавирус (Ковид-19), е донесена одлука прекинот на наставата во училиштата да продолжи до 30 април, и да продолжи наставата на далечина.