Muhammet Tarhan
27 Март 2020•Ажурирај: 28 Март 2020
АНКАРА
Турција им честиташе на С. Македонија и на Албанија за официјалното започнување на преговорите за членство во Европската Унија (ЕУ), јавува Агенција Анадолија (АА).
Во писменото соопштение што го објави Министерството за надворешни работи на Турција се вели: „На нашите пријатели и сојузници Република Северна Македонија и Албанија им честитаме за решението за започнувањето на преговорите за членство во Европската Унија.“
Во соопштението се посочува дека Турција, која исто така е земја кандидат и е во преговори за членство, уште од самиот почеток ја поддржувала евроатлантската интеграција на балканските земји, истакнувајќи:
„Турција верува дека иако можеби со задоцнување, оваа одлука ќе даде придонес за стабилноста и просперитетот на регионот и ќе обезбеди значаен придонес во напорите на ЕУ да стане глобална сила. Повеќе од кога било постои потреба политиката на проширување, која е најважната умерена моќ што ја поседува ЕУ, да биде веродостојна и фер, да не се политизира поради тесни национални интереси и да ги охрабри 7-те земји кандидати.“
Европската Унија на 25 март соопшти дека донела одлука за официјално започнување на преговорите со Република С. Македонија и Албанија за членство во Унијата.