Elena Teslova
18 Октомври 2023•Ажурирај: 19 Октомври 2023
МОСКВА (АА) - Рускиот претседател Владимир Путин денес изјави дека нападот врз баптистичката болница Ал-Ахли во централна Газа, во кој загинаа стотици лица, претставува ужасен настан и катастрофа, јавува Анадолу.
„Нападот на болницата, трагедијата што се случи таму, претставува страшен настан, стотици мртви, стотици повредени. Ова, се разбира, е катастрофа“, рече Путин на прес-конференцијата во Пекинг, каде што присуствува на третиот форум „Појас и пат“.
Рускиот претседател рече дека очекува настанот да биде сигнал за што поскоро завршување на овој конфликт и за почеток на „одредени контакти и преговори“.
Над 500 лица загинаа синоќа во израелски воздушен напад врз баптистичката болница Ал-Ахли во Газа, изјави за Анадолу портпаролот на Министерството за здравство на Газа, Ашраф ал-Кудра.
Газа се соочува со голема хуманитарна криза без струја, а водата, храната, горивото и медицинските материјали се при крај.
Конфликтот во Газа, која е под израелско бомбардирање и опсада од 7 октомври, започна кога Хамас ја почна операцијата „Поплава Ал Акса“, ненадеен напад со низа лансирања на ракети и инфилтрирање во Израел преку копно, море и воздух. Хамас наведе дека операцијата е одмазда за упадите во џамијата „Ал Акса“ и зголеменото насилство од страна на еврејските доселеници врз Палестинците.
Потоа израелската војска ја започна операцијата „Железни мечеви“ кон позициите на Хамас во Појасот Газа.
Досега во израелските напади врз Газа загинаа најмалку 3.300 Палестинци, додека во Израел животот го загубија околу 1.400 лица.