Dmitri Chirciu
08 Септември 2019•Ажурирај: 09 Септември 2019
МОСКВА (АА) - Претседателите на Руската Федерација и Украина, Владимир Путин и Владимир Зеленски, доцна синоќа разговараа за актуелната криза во билатералните односи, пренесува Anadolu Agency (AA).
Од Кабинетот на рускиот претседател во Кремљ е потврдено дека Путин телефонски разговарал со украинскиот колега и тоа само неколку часа откако успешно е извршена размената на заробеници.
Во соопштението се наведува дека лидерите на двете земји размениле мислења и за начините за решавање на актуелната билатерална криза.
Двајцата лидери биле согласни за неопходноста за почитување на примирјето на источниот дел на Украина.
Путин и Зеленски се согласни и за неопходноста за одржување на Самитот на Нормандиската четворка која со тие две земји ја сочинуваат и Франција и Германија. Целта на таа организација е решавање на кризата во Украина.
Вчера Русија и Украина разменија по 35 затвореници, а меѓу затворениците кои ги пушти руската страна се и 24 украински морнари кои се заробени во Керчкиот Теснец.