Fuat Kabakcı
08 Септември 2019•Ажурирај: 09 Септември 2019
ПЕКИНГ (АА) - Масовните протести во Хонг Конг продолжуваат и денеска, и покрај најавите на властите на автономниот кинески регион дека ќе го повлечат спорниот Нацрт-закон за екстрадиција, пренесува Anadolu Agency (AA).
Демонстрантите утрово се собраа во квартот Шартер Гарден и со протестна прошетка пристигнаа пред зградата на американскиот Конзулат.
Маскираните демонстранти носеа американски знамиња и транспарент со порака „Ослободете го Хонг Конг!“, која ја упатија до американскиот претседател Доналд Трамп.
Демонстрантите, исто така апелираа до американските власти да усвојат закон со кој на Хонг Конг ќе му се дадат одредени привилегии во економската соработка со САД.
За време на вчерашните протести избувнаа судири меѓу демонстрантите и полицијата во кои беа повредени најмалку 19 лица.
Полицијата на Хонг Конг соопшти дека од почетокот на протестите во јуни приведени се 1.183 демонстранти.