Servet Günerigök
08 Септември 2019•Ажурирај: 09 Септември 2019
ВАШИНГТОН (АА) - Американскиот претседател Доналд Трамп вчера изјави дека наредил сопирање на мировните преговори со талибанците поради неодамнешните бомбашки напади во авганистанскиот главен град Кабул, пренесува Anadolu Agency (AA).
Трамп рече дека талибанските лидери и авганистанскиот претседател Ашраф Гани одвоено тргнале синоќа кон Соединетите Американски Држави (САД) за да се состанат со него во Кемп Дејвид, Мериленд, но дека тој го откажал состанокот.
„За жал, со цел да се изгради лажна моќ, тие признаа за нападот во Кабул во кој загина еден наш војник и 11 други лица“, напиша Трамп на социјалната мрежа Твитер.
Талибанците презедоа одговорност за бомбашкиот напад во четвртокот источно од Кабул.
„Веднаш го откажав состанокот и ги прекинав мировните преговори. Какви луѓе би убиле толку многу луѓе, со цел навидум да ја зајакнат својата позиција за преговарање?“, рече тој.
„Доколку не можат да се договорат за прекин на огнот за време на овие многу важни мировни преговори, па дури и убија 12 невини луѓе, тогаш тие веројатно немаат моќ да преговараат за значаен договор“, рече Трамп.
„Уште колку децении сакаат да се борат?“, запраша тој.
Трамп ја даде оваа изјава неколку дена откако врвниот американски мировен преговарач Залмај Хализад изјави дека САД, во принцип, постигнале договор со талибанците.
Во интервју за авганистанската телевизиска куќа „Толо њуз“ (Tolo News), тој изјави дека американските сили ќе испразнат пет воени бази во Авганистан во првите 135 дена по потпишувањето на договорот.