Yusuf Hatip
06 Декември 2019•Ажурирај: 07 Декември 2019
ПАРИЗ (АА) - Поради протестите и штрајковите во Франција владее хаос, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Негативните прилики се во тек и денес, поради најавените спорни пензиски реформи на претседателот Емануел Макрон. На протестите одржани и денес имаше 800.000 лица.
Ситуацијата во земјата и денес е тешка бидејќи дојде до пореметување на железничкиот сообраќај, а целосен колапс е кога е во прашање и сообраќајот во градот.
Версајскиот дворец и денес, втор ден од штрајкот, е затворен за посети, додека музејот „Лувр“ и Ајфеловата кула мора да примаат туристи. Нарушено е и функционирањето на здравствениот и образовниот сектор.
Речиси 200.000 луѓе учествуваа на вчерашните протести за време на кои се случи судир со полицијата, која користеше димни бомби за растерување на демонстрантите. Полицијата интервенираше, а демонстрантите возвратија со палење на кафулиња, семафори и електрични мотоцикли во Париз.
Според наводите на Синдикатот на работници, штрајкот ќе продолжи до понеделник, а француските медиуми известуваат дека досега се уапсени 70 лица. Во објава на Твитер, париската Полициска управа наведе дека полицијата и жандармеријата извршиле 6.476 проверки и уапсиле 65 лица.
Локалните медиуми наведуваат дека 80 отсто од наставниците и професорите ги напуштиле работните места во Париз за да учествуваат на протестите.
Полицијата денес во околината на Претседателската палата постави барикади и презеде опсежни безбедносни мерки. Мобилизирани се околу 6.000 полицајци.