İdiris Okuduci
06 Декември 2023•Ажурирај: 08 Декември 2023
НАБАТИЈЕ (АА) - Продолжени се судирите и на либанско-израелската граница, јавува Анадолу.
Хезболах во Либан соопшти дека извршил напад врз израелскиот воен пункт во пограничниот регион.
Наведено е дека врз израелскиот воен пункт Радар е извршен напад со соодветно оружје и дека целта е погодена со целосна прецизност.
Според информациите на новинарите на Анадолу во регионот, либанската армија запленила неколку ракети и систем за лансирање насочен кон Израел, во маслинова градина во рамнината Мерџајун.
Официјалната либанска новинска агенција ННА објави дека Израел извршил воздушен напад врз куќа во Мејс ал Џабал.
Од објавените слики се гледа дека по нападот куќата била целосно уништена.
Сѐ уште нема изјави за евентуални човечки жртви во Мејс ал Џабал.
Во судирите меѓу израелската армија и движењето Хезболах на граничната линија од 8 октомври загинаа 23 цивили во Либан и четворица во Израел.
Покрај тоа, во досегашните судири загинаа 89 члена на Хезболах, еден либански војник и шестмина израелски војници.