Selen Valente Rasquinho
06 Декември 2023•Ажурирај: 07 Декември 2023
БРИСЕЛ (АА) - Европската Унија (ЕУ) ќе реализира проекти за борба против говорот на омраза и злосторствата од омраза, а на почетокот на 2024 година ќе организира меѓународна конференција од висок профил, пренесува Анадолу.
Членовите на Европската комисија на неделниот состанок разговараа за борбата против говорот на омраза и злосторствата од омраза што се во пораст во Европа.
Во соопштението објавено по состанокот се вели дека е усвоена декларација со наслов „Нема место за омраза: Обединета Европа против омраза“.
„Ова е апел до сите Европејци да стојат против омразата и да ги бранат толеранцијата и почитта“, се истакнува во соопштението.
Исто така, во соопштението се насочува вниманието на тоа дека во последниот период е забележан пораст на злосторствата од омраза кон муслиманските и еврејските заедници што живеат во Европа.
Според соопштението, со усвојување на декларацијата ќе започне борба против омраза речиси во сите области преку проекти од различни сфери, како што се безбедност, образование, култура, спорт и дигиталната област.
Во ова соопштение се нагласува дека зачувувањето на јавните простори ќе биде приоритет и дека особено ќе се фокусира на еврејските места за богослужба во рамките на Фондот за внатрешна безбедност.
Во соопштението се подвлекува дека во рамките на 2024 година јавните простории на сите религии ќе бидат зајакнати со дополнителни фондови.
Меѓу другото, Европската комисија на почетокот од 2024 година ќе организира меѓународна конференција од високо ниво на која ќе учествуваат лица од висок профил што водат борба против омразата и дискриминацијата.