Ali Semerci
06 Декември 2023•Ажурирај: 09 Декември 2023
РАМАЛА (АА) - Портпаролот на палестинскиот претседател, Набил Абу Рудејне, го повика Советот за безбедност на Обединетите нации (СБОН) итно да интервенира против сѐ поинтензивните израелски напади врз палестинскиот народ во Појасот Газа и на Западниот Брег, пренесува Анадолу.
„Во време кога Израел секојдневно врши масакри врз палестинскиот народ во Појасот Газа, окупаторските сили и терористичките колонијалисти продолжуваат со секојдневните злосторства со рации и егзекуции во палестинските градови, населби и кампови на Западниот Брег“, изјави Абу Рудејн за Вафа.
Истакнувајќи дека Израел насекаде спроведува „тероризам“ против палестинскиот народ, Абу Рудејн го повика Советот за безбедност на ОН итно да интервенира за да се запре овој сеопфатен напад и пролевање на палестинска крв, што се случува во сенка на невиден меѓународен молк.
Наведувајќи дека овие напади никому нема да му донесат мир и безбедност, Абу Рудејн повтори дека Израел и американската администрација немаат друг избор освен да ги запрат нападите и да ја прекинат окупацијата.
Портпаролот на палестинското Претседателство истакна дека воените решенија го докажале својот неуспех и дека единствено решение е да се стави крај на окупацијата и да се признае правото на палестинскиот народ на слобода и независност во согласност со меѓународниот легитимитет и меѓународното право.