Sayed Khodaberdi Sadat
28 Септември 2019•Ажурирај: 28 Септември 2019
КАБУЛ (AA) - Започнаа четвртите претседателски избори во Авганистан, кои се одложувани веќе три пати, јавува Anadolu Agency (AA).
Право да гласаат за еден од 15-те кандидати имаат 9,6 милиони граѓани. Фаворити се моменталниот претседател на таа земја, Ашраф Гани, и претседателот на Извршниот совет, Абдула Абдула.
Поради заканите на Талибанците, преземени се опсежни безбедносни мерки.
Изборите би требало да бидат одржани на 7.383 избирачки места, а надлежните институции рекоа дека безбедноста можат да ја осигураат на 5.388 места. На речиси две илјади места гласањето нема да може да биде одржано поради безбедносната закана на Талибанците или некои други милитанти.
Моментално судирите помеѓу Талибанците и авганистанските сили се водат во 12 покраини на земјата. Талибанските милитанти контролираат рекорден број градови уште од 2001 година и американската инвазија на Авганистан.