Husamedin Gina
19 Септември 2022•Ажурирај: 20 Септември 2022
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, придружуван од сопругата, Елизабета Ѓоргиевска, во Вестминстерската опатија во Лондон присуствуваше на државната погребна служба на Нејзиното Величество кралицата Елизабета Втора, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според писменото соопштение од Кабинетот на претседателот, по службата, Пендаровски присуствуваше на приемот што го приреди секретарот за надворешни работи, Комонвелт и развој на Обединетото Кралство, Џејмс Клеверли.
Вчера, Пендаровски во Вестминстерската сала оддаде почит на посмртните останки на кралицата Елизабета Втора, а во Ланкастер хаус се потпиша во книгата на жалост.
Вчеравечер, исто така според соопштението, Пендаровски во Бакингемската палата присуствуваше на приемот што за шефовите на делегациите го приреди Неговото Величество кралот Чарлс Трети.
На погребната служба во Вестминстерската опатија присуствуваа над 2.000 високи гости од целиот свет. Ѕвоната на Вестминстерската опатија биеја 96 пати на секоја минута, означувајќи ја должината на животот на кралицата. Ова е прва погребна служба за монарх во опатијата од 18-от век до денес.