?kipa
01 Јули 2018•Ажурирај: 02 Јули 2018
ИСТАНБУЛ (АА) - Во Истанбул денеска беше погребан вчерапочинатиот истакнат научник Фуат Сезгин, а турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган најави дека следната година во Турција ќе биде прогласена за Година на Фуат Сезгин и на историјата на исламските науки, на кои Сезгин им го посвети целиот свој живот, јавува Anadolu Agency (AA).
На последното испраќање на истакнатиот турски интелектуалец Сезгин присуствуваше турскиот претседател Ердоган, претседателот на Големото народно собрание на Турција, Исмаил Кахраман, премиерот Бинали Јилдирим, неговите заменици Реџеп Акдаг и Фикри Ишик, бројни министри и други претставници од јавниот и културниот живот.
Погребната молитва ја изврши претседателот на Управата за верски прашања на Турција, Али Ербаш, кој истакна дека Сезгин, својот 94-годишен живот го посвети на науката и на расветлувањето на патот на човештвото.
„Професорот Сезгин е автор на многу истакнати дела кои ќе бидат водич и пример на научниците и на целиот исламски свет“, порача Ербаш.
На присутните им се обрати и турскиот претседател Ердоган, кој рече дека лично го познавал професорот Сезгин како непоколеблив човек на патот на науката, но и голем патриот.
„Многу дела од исламската наука, филозофијата, физиката, медицината, астрономијата и другите области останаа зад професорот Сезгин. Кога би ги наредиле на полиците, тоа се вкупно 1.300 тома на дела, кои делумно се изложени и во библиотеката на Претседателската палата во Анкара“, рече Ердоган.
Истакнувајќи дека во моментов се работи на враќање на преостанатите дела на Сезгин од странство во Турција, Ердоган рече дека на тоа интензивно работи надлежната фондација.
„Денес, професорот Сезгин ќе го погребаме покрај Музејот на историјата на исламските науки и технологија, во паркот Ѓулхане, што беше и негова желба. Следната, 2019 година ќе ја прогласиме за Година на Фуат Сезгин и на историјата на исламските науки. Веќе издадовме таква наредба“, рече Ердоган.
Фуат Сезгин е роден во 1924 година во Битлис. Основно и средно училиште завршува во Ерзурум, а во 1943 година заминува во Истанбул. Тој беше ученик на германскиот ориенталист Хелмут Ритер, кој беше истакната личност на Институтот за истражување на ориенталистика на Универзитетот во Истанбул.
Откако во 1951 година дипломираше на Факултетот за книжевност во Истанбул, докторираше на Отсекот за арапски јазик и книжевност. Во својата докторска дисертација „Бухарини извори“, Сезгин изнесува тврдење дека хадисите „Бухари“ ги базирал и на пишани извори, а не само на усни, како што дотогаш се сметаше.
По воениот удар во 1960 година, пучистичката власт отпушти 147 универзитетски професори во Турција, а меѓу нив беше и Фуат Сезгин. На тој начин овој истакнат турски научник ја напушти родната земја и ја продолжи својата академска кариера на Универзитетот во Франкфурт.