Hilal Uştuk
01 Јули 2018•Ажурирај: 02 Јули 2018
ИСТАНБУЛ (АА) - Турција денес се прости од вчерапочинатиот Фуат Сезгин, научник со светско реноме, кој својот живот го посвети на историјата на исламските науки, јавува Anadolu Agency (AA).
Сезгин почина вчера во 94-тата година од животот, а со присуство на голем број турски официјални претставници денеска е изведена погребната молитва пред џамијата „Фатих“ во Истанбул. Погребан е во паркот Ѓулхане во Истанбул, каде што се наоѓа и Музејот на историјата на исламските науки и технологии, за чие отворање најмногу е заслужен професорот Сезгин.
Фуат Сезгин е роден во 1924 година во Битлис. Основно и средно училиште завршува во Ерзурум, а во 1943 година заминува во Истанбул. Тој беше ученик на германскиот ориенталист Хелмут Ритер, кој беше истакната личност на Институтот за истражување на ориенталистика на Универзитетот во Истанбул.
Откако во 1951 година дипломираше на Факултетот за книжевност во Истанбул, докторираше на Отсекот за арапски јазик и книжевност. Во својата докторска дисертација „Бухарини извори“, Сезгин изнесува тврдење дека хадисите „Бухари“ ги базирал и на пишани извори, а не само на усни, како што дотогаш се сметаше.
По воениот удар во 1960 година, пучистичката власт отпушти 147 универзитетски професори во Турција, а меѓу нив беше и Фуат Сезгин. Така, овој истакнат турски научник ја напушти родната земја и ја продолжи својата академска кариера на Универзитетот во Франкфурт.

Втората докторска дисертација на тема „Ликот и делото на Џабир ибн Хајан“, Сезгин го одбрани на Универзитетот во Франкфурт, односно на Институтот за историја на природните науки (Institut für Geschichte der Naturwissenschaften).
Една година подоцна се ожени со ориенталистката Урсула Сезгин, со која во 1970 година ја доби ќерката Хилал.
Сезгин е автор на капиталното дело „Историја на арапско-исламските науки“, кое се смета за најсеопфатно дело од областа на историјата. Првиот том од ова дело го објави во 1967 година, а почина пишувајќи го XVIII том.
Тој зборуваше 27 јазици, вклучувајќи германски, арапски, хебрејски, латински и други.
Во Франкфурт Сезгин го основаше и Музејот на историјата на исламските науки во кои се изложени над 800 историски експонати, и кое е место на собирање на научници.
Во овој музеј отвори и Библиотека за историјата на науките која содржи над 45.000 дела и која е единствената установа од ваков вид, за историјата на исламските науки. Многу дела се единствените сочувани оригинални примероци.
Со негово залагање во 2008 година во паркот Ѓулхане во Истанбул започна со работа Музејот на историјата на исламските науки и технологии, во кој се изложени околу 700 експонати, кои речиси целосно се собрани од донации. Турското Министерство за култура и туризам на оваа установа пред две години ѝ додели специјална награда за придонес во оваа област.
Со цел да помогне во работата и одржливоста на овој музеј во Истанбул, Сезгин во 2010 година ја основаше и Фондацијата за истражување на историјата на исламските науки.
Пред пет години, на Универзитетот „Султан Мехмет Фатих“, отворен е Институтот за историја на исламските науки, именуван по Фуат Сезгин.
Сезгин е добитник на бројни етаблирани меѓународни награди за научни достигнувања. Беше активен член на бројни академии на науки низ светот, а статус на почесен член имаше на академиите во Египет, Сирија, Мароко, Ирак и Турција.
Му беше доделена титулата „Почесен доктор на науки“ на неколку турски универзитети. Добитник е и на Наградата за култура и уметност која ја доделува Кабинетот на турскиот претседател.
Доби бројни признанија во Германија, вклучувајќи ја и Плакетата „Гете“ во Франкфурт, Федералниот орден и Наградата за култура во Хесен. Исто така наградуван е и во Иран, како и во други земји во светот.