Andelija Stojkovic
18 Јануари 2018•Ажурирај: 18 Јануари 2018
БЕЛГРАД (АА) - Во присуство на неколку илјади луѓе во Алејата на заслужни граѓани на Новите гробишта во Белград, беше погребан лидерот на Граѓанската иницијатива „Слобода, демократија, правда“, Оливер Ивановиќ, кој беше убиен пред два дена во Косовска Митровица, јавува Anadolu Agency (AA).
Семејството на Оливер Ивановиќ, сопругата Милена и братот Мирослав, од 10 часот примаа изјави на сочувство пред капелата на Новите гробишта, каде што синоќа беше изложен ковчегот со посмртните останки на Ивановиќ, и каде што граѓаните му одаваа почит.
Опелото го служеше владиката Рашко-призренски Теодосије, а присуствуваше и патријархот на Српската православна црква, Иринеј.
Владиката Теодосије рече дека Ивановиќ не вперувал со прстот кон луѓето, туку зборувал за проблемите кои треба заедно да се решат и дека за него прашањето за Косово и Метохија не е политичко прашање, туку прашање на тоа како да се подобри животот на југ и на север од Ибар, и дека неретко го почитувале и Албанците.
„Оливер останува со нас, како симбол на нашата определба да бидеме свои на своето, борба за вистината и правдата“, рече владиката Теодосије.
Меѓу присутните беа и бројни пријатели на Ивановиќ и блиски соработници. Српската владина делегација беше предводена од премиерката Ана Брнабиќ.
На погребот дојдоа и поранешните претседатели на Србија, Томислав Николиќ и Борис Тадиќ, министерот за надворешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, министерот за трговија, туризам и телекомуникации Расим Љајиќ, началникот на Генералштабот на Војската на Србија Љубиша Диковиќ, градоначалникот на Белград, Синиша Мали, адвокатот Тома Фила, поранешниот шеф на Координативното тело за Косово и Метохија, Небојша Човиќ, градоначалникот на Косовска Митровица, Горан Ракиќ, голем број претставници на опозицијата, вклучувајќи го и претседателот на Демократската партија, Драган Шутановац, претседателот на Народната партија, Вук Јеремиќ, претседателот на Движењето „Доста беше“ Саша Радуловиќ и поранешниот градоначалник на Белград, Драган Ѓилас, како и луѓе од јавниот живот, меѓу кои најмногу актери.
Ивановиќ беше убиен на 16 јануари пред канцеларијата на Граѓанската иницијатива „Слобода, демократија, правда“ (СДП) во Косовска Митровица, со шест истрели од огнено оружје. Косовските власти отворија истрага во врска со убиството, а во истрагата побара да се вклучи и Србија.