Zülfiya Yakup
18 Јануари 2018•Ажурирај: 19 Јануари 2018
ПРИШТИНА (АА) - Косовскиот премиер, Рамуш Харадинај, изјави дека само косовските институции може да ѝ дадат дозвола на Србија да се вклучи во истрагата за убиството на Оливер Ивановиќ, но дека такво барање не е испратено до Приштина, јавува Anadolu Agency (AA).
Харадинај на кратката прес-конференција за новинарите по состанокот во Владата на Косово, рече дека Владата на Србија упатила до ЕУЛЕКС и УНМИК барање за истрага за убиството на Ивановиќ, но дека тие мисии немаат надлежност да одлучуваат за тоа.
„Единствено косовските институции може да дадат таква дозвола, но такво барање не е поднесено. Барано е размена на информации, што е во интерес на Косово, бидејќи се претпоставува дека овој случај е поврзан со луѓе и актери што не се само од Косово“, рече Харадинај.
Одговарајќи на новинарско прашање, косовскиот премиер изјави дека дијалогот со Србија во Брисел ќе биде продолжен и дека новата косовска делегација за преговорите веќе ја идентификувала состојбата во однос на постигнатите договори, коишто не се применуваат.
Тој додаде дека Косово не оди во Брисел, со цел да го продолжи животот со дијалог, туку дијалогот што е во последна фаза да биде завршен со признавање на Косово, што беше побарано од страна на институциите на Европската Унија, коишто посредуваат во дијалогот.