СКОПЈЕ (АА) - Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, кој престојува во официјална посета на Република Македонија, беше примен со високи државни почести од страна на премиерот на Република Македонија, Зоран Заев, а на заедничката прес-конференција одржана по средбата истакна дека Македонија не може да биде членка на НАТО Алијансата без да се реши спорот со името, јавува Anadolu Agency (AA).
Генералниот секретар Столтенберг во своето обраќање на прес-конференцијата потсети дека ова е негова прва посета на Република Македонија. Истакна дека со претставниците на државниот врв на Македонија остварил, како што рече, констурктивни дискусии за важни прашања, посебно за прашањето за иднината на Македонија и за амбициите да се приклучи во Алијансата.
„Од драматичните настани на 27 април, вашата земја вложи сериозни напори и постигна напредок за долгорочна политичка стабилност и изразувам пофални зборови за справувањето со ваквите тешки околности и вашата заложба да донесете позитивни промени. НАТО и понатаму ќе ги поддржува напорите на вашата земја“, рече Столтенберг.
Исто така, тој се заблагодари за учеството на Македонија во мисиите во Авганистан и за зголемувањето на бројот на припадниците на АРМ во НАТО мисиите.
„Имавме одлични и конструктивни разговори за иднината на вашата земја. Ги пофалувам напорите за решение за името, договорот за ова прашање е од суштинска важност за вашето приклучување кон НАТО“, рече Столтенберг.
Запрашан дали Република Македонија може да стане дел од НАТО Алијасата без да се реши прашањето со името, тој рече дека земјата не може да стане членка на оваа алијанса без да се реши ова прашање и истакна дека истото било потенцирано во неколку наврати во минатото.
„(Македонија) Не може да стане земја-членка на НАТО без да се реши прашањето со името, тоа беше повторено и во 2014 и во 2016 година на НАТО самитите. Нема план Б, нема приклучување во НАТО без решение за името“, нагласи Столтенберг.
Тој додаде дека верува оти ќе се изнајде заедничко прифатливо решение во рамките на преговорите за името во ОН, и ја поздрави волјата за изнаоѓање на решение и фокусот врз реформите.
Потсети дека сојузниците на Република Македонија во НАТО Алијансата ќе ги земат предвид реформите, затоа што, како што рече, доброто владеење, мултиетничкото општество, добрососедските односи и слободата на медиумите се клучни за членство во Алијансата.
Столтенберг ги повика сите политички актери во земјата да работат конструктивно и повика на соработка помеѓу Владата на Р. Македонија и опозицијата, но и обратно. Порача дека приклучувањето кон НАТО бара заложби, како и дека вратите на НАТО остануваат отворени.
Се осврна на зачленувањето на Црна Гора во НАТО и рече дека воено-политичката алијанса повеќе од две децении вложува во стабилноста на Западен Балкан. Генералниот секретар на НАТО порача и дека ги поддржува апсирациите кон евроатлантските интеграции на Македонија, затоа што, како што нагласи, сака да ја види Македонија, како земја во стабилен регион.
- Заев: Очекуваме Македонија да биде 30. земја-членка на НАТО -
Премиерот на Република Македонија, Зоран Заев, по средбата со Столтенберг истакна дека оваа посета ја смета како клучна за вистинско охрабрување и поддршка на очекувањата дека 2018 година ќе биде историска година за Македонија, за регионот, но и за НАТО и ЕУ.
„Истоврмено, да изразиме задоволство од обновениот интерес на НАТО за Западен Балкан во еден особено значаен и чувствителен геостратегиски момент. Време е да ги внесеме во завршница процесите на интеграција на сите земји од регионот што сакаат да бидат дел од семејството на Северноатлантската алијанса. Ние сме подготвени да работиме заедно во остварувањето на таа цел“, рече Заев.
Тој порача дека и во иднина, како и за време на сите изминати години, Република Македонија активно ќе учествува во мировните операции на Алијансата низ светот. Заев рече дека Македонија останува фокусирана и понатаму активно да го дава својот придонес за вредностите што ги делат земјите-членки на НАТО.
За време на средбите со Столтенберг ја нагласив поддршката што за сето време наназад ја добиваше Р. Македонија, со цел да ги достигне стандардите и критеруимите за членство во НАТО.
Премиерот Заев се осврна и на Самитот во Букурешт во 2008 година, кога Република Македонија не ја доби очекуваната покана за членство во НАТО.
„За жал, Република Македонија во 2008 година остана пред вратите на НАТО поради проблемот што го има Грција со нашето уставно име, иако сите се согласија дека нашата земја ги исполнува сите критериуми. За жал, веднаш по тој настан, во Република Македонија се активираа контрапродуктивни политички процеси кои ја предизвикаа најтешката политичка криза во земјата по осамостојувањето“, рече Заев.
Тој истакна дека Владата на Република Македонија активно и посветено создава амбиент за надминување на проблемот со името и изрази верување дека создава добар моментум за последниот заеднички исчекор.
На крајот порача дека очекува Македонија да стане 30. земја-членка на НАТО Алијансата.
„Искрено, очекуваме Република Македонија да биде 30. земја-членка на Алијансата, работиме за таа цел за едно со граѓаните и со сите наши партнери, земји членки на НАТО. Тоа се перспективите на Република Македонија и на регионот“, порача Заев.
Потсетуваме, генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, денеска престојуваше во официјална посета на Република Македонија во рамките на која оствари средби со претставниците на државниот врв.
news_share_descriptionsubscription_contact
