İhvan Radoykov
18 Јануари 2018•Ажурирај: 19 Јануари 2018
СОФИЈА (АА) - Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Македонија и Бугарија, потпишан на 1 август минатата година, денес едногласно беше ратификуван во Собранието на Бугарија, јавува Anadolu Agency (AA).
На седницата беа присутни 186 пратеници од вкупно 240 пратенички места во бугарското Собрание.
Сите 186 пратеници присутни на седницата гласаа ЗА ратификувањето на овој договор, постигнат меѓу двете земји.
Се очекува овој договор да ги отстрани препреките во добрососедските односи на патот кон интеграцијата во Европската Унија (ЕУ).
Красимир Богданов, пратеник од националистичката коалиција „Обединети Патриоти“, истакна дека договорот е во корист на двете страни. „Не е во ред да нема нормални инфраструктурни, економски и културни односи меѓу две братски земји. Не е можно да не бидат блиски едни до други двете заедници кои го носат истото име и презиме. Македонија и Бугарија треба да покажат дека Балканот е место на мирот“, нагласи Богданов.
Пратеничката Имран Мехмедова, која се обрати во име на опозициската коалиција „Движењето за правда и слободи“, составена претежно од турски пратеници, пренесе дека ратификувањето на договорот е историски успех за билатералните односи.
„Ние како Движење за правда и слободи ја поддржуваме интеграцијата на Македонија во ЕУ, во рамките на приоритетите на Западен Балкан за време на претседавањето на Бугарија со ЕУ во првата половина од 2018 година“, пренесе таа.
Кристијан Вигенин, поранешен министер за надворешни работи, сегашен пратеник на главната опозициска Социјалистичка партија на Бугарија, рече: „Треба да бидеме многу внимателни во спроведувањето на договорот, треба внимателно да го следиме“.
Пратеникот Пламен Манушев се обрати во името на владејачката партија Граѓани за европски развој на Бугарија (ГЕРБ) и потсети дека Бугарија е првата земја која пред 26 години ја призна независноста на Македонија.