ПРИЈЕДОР (АА) - Остатоците од неговата срушена куќа во Кевљани кај Приједор, Шериф Велиќ ги погреба на местото на кое беше изградена, а потоа ѝ подигна спомен-плоча, како што тоа се прави по погребот на луѓето, пишува Агенција Анадолија (АА).
Работејќи како лимар во Германија, Шериф во разговор за АА се присети како со својата сопруга и трите деца штедел и одвојувал финансиски средства за да изгради семеен дом во Кевљани, во близина на Козарац. Напорно работеле и ја изградиле куќата, а во 1992 година започна војната, прогонот, затворањето и логорите, убиствата и уривањата. Срушен е и домот на Шериф и Фикрета Велиќ.
Шериф и Фикрета денес живеат во Шведска. Кога е извршена агресијата на Босна и Херцеговина во 1992 година, Шериф ја напуштил тогашната работа во Германија и како доброволец се приклучил на одбраната на земјата во Козарац и во неговото родно место Кевљани.
По неговото враќање во БиХ, српските единици го прогонуваат цивилното население од Козарац и Кевљани, жените, децата и старите лица ги протеруваат во Хрватска, а машката популација ја носат во логори.
Шериф во логор минал низ голготи, а неколку месеци подоцна е разменет и е пуштен на слобода. Ги наоѓа својата сопруга и трите деца во Шведска, каде што остануваат до крајот на војната.
Во родното Кевљани за првпат пристигнува во 2001 година, и кога ги видел урнатините на неговиот дом обраснати во коров и трева, донел одлука дека кога ќе собере пари, куќата достоинствено ќе ја погребе, токму онака како што се погребуваат и луѓето.
„Се наоѓаме во Кевљани, во моето родно место, а ова каде што се наоѓаме сега, на ова место, под масата и столицата, тоа е мојот дом што тука го закопав пред 10 години. Сиот достапен материјал од мојата куќа се наоѓа тука. Ги исчистив темелите и 20 камиони материјал или 200 кубици материјал, остатокот од мојот срушен дом се наоѓаат тука, под оваа натрупана земја. Кога првпат од егзилот во Шведска се вратив во своето родно место, тука затекнав грмушки и џбуње. И куќата и мојата нива и сè останато беа обраснати во една голема трева. Меѓутоа, кога тргнав да ги чистам темелите, одлучив сиот материјал од срушената куќа и придружните објекти да не ги фрлам на депонија за смет, бидејќи веќе тогаш чувствував некаков емотивен набој“, рече Велиќ и додаде:
„Јас 14 години работев во Германија и со својата сопруга штедев за да ја изградиме оваа куќа. И го изградивме нашиот дом. И дојде време да се урива. Уште тогаш донесов одлука дека не сакам остатоците од мојот дом да завршат во некаков ров или провалија. Сиот материјал го расфрлав на нивата и речиси 15 години сето тоа чекаше да соберам сили и нешто пари за да ја спроведам својата замисла. Донесов багер, машина која ископа дупка со длабочина од околу 4,5 метри и сето тоа го ставивме во таа дупка, а дополнително донесов 9 камиони хумусна земја која ја распоредив и ја засадив со зелена трева и сето тоа сега вака убаво изгледа.“
- Спомен-плоча за куќата -
Шериф и неговата сопруга Фикрета дале да се изработи и потоа да се постави гранитна спомен-плоча посветена на нивниот дом.
„Оваа куќа, ние ја чувствуваме како свој род. Јас ја доживувам како свое дете што сум го загубил, бидејќи јас со халал [на чесен начин] патував низ светот, со халал стекнував имот и парите што ги заработував беа халал. Тоа не беше доволно мојот дом да стане „узгор“, туку дојдоа душмани, нашите непријатели, не знам ни како да ги именувам. Дојдоа лоши луѓе кои ми го срушија домот, што го погребав тука под оваа земја. Го погребав како што се погребуваат луѓе.
Дојдов на идеја за својата куќа да изработам и споменик. Не знам колку овој споменик ќе опстои. Јас на оваа гранитна плоча напишав кога куќата беше „узгор“, т.е. кога била вселива, кога имаше покрив на куќата. Го напишав датумот кога дојдоа нашите душмани да ја рушат и ја срушија во 1992 година. Напишав и еден кус епитаф кој почнува вака: ‘Тука лежи мојата куќа узгор 1974 година. Уздол 1992 година. Љубовта ја изгради, омразата ја сруши’“, рече Велиќ.
Шериф Велиќ и неговата сопруга Фикрета пред камерите на АА ја открија спомен-плочата на нивната срушена куќа.
- Од куќата остана само бројот 88 -
„Единствено што остана од мојата куќа, што се наоѓа под овој рид од земја, се старите темели на кои јас повторно изградив една мала куќа и ми остана овој број од куќата. Сѐ што имам е овој број“, рече Шериф и додаде дека понекогаш знае да засвири на неговата хармоника за да ја растера тагата и болката.
„Севдахот и хармониката се за мојата душа“, рече Шериф, а потоа ја отсвири севдалинката „Кула градам, а камен немам“.
news_share_descriptionsubscription_contact
