свет

Претседателот на турското Собрание: „Групата Минск на ОБСЕ има мозочна смрт“

„Групата Минск на ОБСЕ, која 30 години не може да пронајде решение за конфликтот во Нагорно Карабах, има 'мозочна смрт'“, изјави Шентоп во Парламентот на Азербејџан во Баку

Merve Gül Aydoğan Ağlarcı  | 20.10.2020 - Обновена : 21.10.2020
Претседателот на турското Собрание: „Групата Минск на ОБСЕ има мозочна смрт“

БАКУ (АА) - Претседателот на Големото народно собрание на Република Турција, Мустафа Шентоп, упати критики до Групата Минск на ОБСЕ во врска со тековниот конфликт меѓу Азербејџан и Ерменија, велејќи дека Групата има 'мозочна смрт', јавува Агенција Анадолија (АА).

„Групата Минск на ОБСЕ, која 30 години не може да пронајде решение за конфликтот во Нагорно Карабах, има 'мозочна смрт'“, изјави Шентоп во Парламентот на Азербејџан во Баку.

Групата Минск на ОБСЕ, со која копретседаваат Франција, Русија и Соединетите Американски Држави (САД), беше формирана во 1992 година, со цел изнаоѓање решение за конфликтот, но досега без резултати, освен издејствуваното примирје во 1994 година.

„Ерменија стана регионален и глобален проблем“, изјави Шентоп, нагласувајќи: „Безизлезната состојба во Кавказ ќе продолжи сè додека трае окупацијата на Ерменија во Нагорно Карабах и околните области.“

Како дел од тридневната официјална посета за одржување разговори во врска со тековниот конфликт во Нагорно Карабах, Шентоп се состана со министерот за надворешни работи на Азербејџан, Џејхун Бајрамов.

Шентоп и Бајрамов дискутираа за тековната криза меѓу Азербејџан и Ерменија и се осврнаа на операциите на Азербејџан за спасување на своите окупирани територии.

Односите меѓу двете поранешни советски републики се тензични од 1991 година, кога ерменската Војска го окупира Нагорно Карабах, меѓународно призната територија на Азербејџан.

Новите погранични судири избувнаа на 27 септември, кога ерменските сили започнаа со напади врз азербејџанските цивилни населби и воени позиции, кои резултираа со жртви.

Турција го поддржува правото на Баку за самоодбрана и побара повлекување на окупаторските сили.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.