Etem Geylan
07 Февруари 2016•Ажурирај: 08 Февруари 2016
ИСТАНБУЛ (АА) - Заменикот турски премиер и портпарол на Владата, Нуман Куртулмуш, тврди дека Република Турција ја поддржува територијалната целосност на Сирија и дека е јасно дека Турција е можеби единствената земја во регионот која пропагира Сирија, по излезот од кризата, да опстане како целина, а не поделена по етнички или било кои други основи, пренесува Anadolu Agency (AA).
Во интервју за "CNN Turk", Куртулмуш ги коментираше актуелните напади на сириската војска и руските авиони во Алепо и бранот сириски бегалци кои пристигнуваат на турската граница.
Потсетувајќи на изреката дека веќе од среда се знае каков ќе биде четвртокот, Куртулмуш рече дека Турција веќе осум или девет месеци предупредува на сценариото дека нов бран бегалци би можел да тргне од Алепо.
Истакнувајќи дека сириската војска и нејзините сојузници, под изговор за борба против терористите на ДАЕШ во Алепо, го напаѓаат важното стратешко подрачје под контрола на сириската опозиција, Куртулмуш рече дека тие напади предизвикале нова бегалска криза која повторно паѓа на турски плеќи.
„Да, ние веќе примивме голем број бегалци. Сметајќи ги и оние од Ирак, во Турција се згрижени три милиони бегалци. Капацитетите се одамна пополнети, меѓутоа тие луѓе немаат каде да одат на друго место. Или заедно со целиот свет ќе гледаме како тие луѓе таму умираат или ќе ги отвориме границите и ќе ги примиме. Ние тоа го правиме, и веќе дел од нив веќе влегуваат, а друг дел се сместува во камповите во пограничниот појас, каде што им се доставува сета потребна помош. Турција не може на тие луѓе да им каже ,немојте да доаѓате и ние немаме толкави можности'. Во спротивно, тие луѓе би ги препуштиле на смртта”, рече Куртулмуш.
Укажувајќи на фактот дека во последните неколку дена во Турција влегле околу 15.000 бегалци а на границата во камповите има уште 30.000 сириски бегалци, Куртулмуш кажа дека е возможно трагично сценарио на кое веќе предупреди и турскиот претседател Ердоган, дека кон Турција би можел да тргне нов бран од скоро милион сириски бегалци.
„Тоа е најлошо, но можно сценарио. Всушност, доколку продолжат нападите врз Алепо, кој е голем град, и на околните места, кон Турција би можел да тргне нов бран бегалци, во првата етапа зборуваме за стотици илјади а може да достигне и цифра од милион бегалци”, рече Кртулмуш.
На прашањето дали е можно сценариото Турција сама, или во соработка со Саудиска Арабија, да интервенира со копнени сили во Сирија, Куртулмуш рече дека Турција силно ја поддржува територијалната целосност на соседна Сирија и дека нема никакви аспирации да се меша во внатрешните работи на земјата ниту пак помислува на било какви аспирации за територијата во рамките на сириските граници.
„Турција со Сирија има 911-километарска граница и секако дека ги следиме случувањата во Сирија. Наша приоритетна задача е да го заштитиме суверенитетот и безбедноста на Турција. Ние имаме капацитет да се спротивставиме на секој обид за терористички напад на нашата граница. Секогаш сме биле во состојба на готовност за тоа, но тоа не значи дека имаме намера да окупираме туѓ простор или да влеземе во војна”, порача Куртулмуш.