Adam Abu-bashal
16 Јуни 2021•Ажурирај: 17 Јуни 2021
АБУЏА
Нигерискиот претседател Мухамед Бухари истакна дека заканата на терористичката организација Боко Харам во неговата земја произлегува од нестабилноста во Либија, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според соопштението од Претседателството на државата, Бухари се состана со Махамат Салех Анадиф, новоименуваниот специјален претставник на генералниот секретар на Обединетите нации (ОН) и шеф на Обединетите нации за Западна Африка и Сахел (UNOWAS) во палатата „Асо Рок“ во главниот град Абуџа.
За време на состанокот, Бухари истакна дека заканата од Боко Харам во Нигерија произлегува од нестабилноста во Либија и повика на единство против несигурноста во Западна Африка и регионот Сахел.
Безбедносните проблеми во регионот Бухари ги опиша како „огромни“, и истакна дека Боко Харам убива невини луѓе во Нигерија и во некои соседни земји.
Потсетувајќи дека Чад е сосед на Нигерија, Бухари на Анадиф му рече: „Откако служевте во Мали пет години, имате огромно искуство во прашањата кои влијаат на Сахел. Се надевам дека ќе ги наговорите земјите да работат заедно за да се спротивстават на прашањата што ги засегаат.“
Анадиф, истакнувајќи дека веднаш по назначувањето дошол во Нигерија затоа што ја знае важната улога на Нигерија во Западна Африка, рече дека е многу добро запознаен со проблемите во регионот Сахел и дека ќе му треба помош од Нигерија за да се решаваат.