Lokman İlhan
21 Март 2019•Ажурирај: 22 Март 2019
КАРАКАС (АА) – Во Венецуела, во сојузните држави Баринас, Лара, Арагва, Анзоатеги и Миранда, со поддршка на Кина, се отворија роботизирани центри за собирање лекови. Овие центри ќе испорачуваат лекови на национално ниво, јавува Anadolu Agency (AA).
Претседателот Николас Мадуро, во својот говор во Центарот за лекови во градот Санта Тереза, во државата Миранда, каде што се наоѓа и главниот град Каракас, истакна: „Нашите 5 милијарди долари што ќе ги користевме за купување лекови, ни се заложени. Владата прави огромни напори за да им се овозможи бесплатна здравствена заштита на граѓаните на Венецуела и за соочување со нападите на администрацијата на претседателот на САД, Доналд Трамп.“
„Благодарение на центрите, ќе се гарантира испораката на лекови во земјата“, истакна Мадуро, додавајќи дека преку Светската здравствена организација за снабдување со лекови соработуваат со Кина, Русија, Индија, Иран, Белорусија и Турција.
- „Американскиот империјализам не може да влијае на здравјето на венецуелскиот народ“ -
Мадуро, потсетувајќи на иницијативата на опозицијата на Венецуела поддржана од САД за внесување „хуманитарна помош“ преку Колумбија, на 23 февруари истакна:
„Хуманитарната помош ли? Каква хуманитарна помош? Се обидуваат да задушат и засрамат еден народ, но нас не можат ниту да нѐ задушат ниту пак да нѐ засрамат. И да врне, и молња да удри, со овие потези ќе ги обезбедиме лековите потребни за венецуелскиот народ. Со Светската здравствена организација активирам еден план за набавка, производство и испорака на лековите. Гарантирам дека американскиот империјализам не може да влијае на здравјето на венецуелскиот народ.“
Венецуелскиот претседател Мадуро, исто така истакна дека дал инструкции до Советот за наука да ги подготви потребните протоколи за домашно производство на производите кои главно се увезуваат.