Ruslan Rehimov
20 Јануари 2022•Ажурирај: 21 Јануари 2022
БАКУ (АА) - РУСЛАН РЕХИМОВ (АА) -
Низ Азербејџан денеска се одбележува 32-годишнината од масакрот познат како „Крвавиот јануари“. Граѓаните на Азербејџан денеска се сеќаваат на своите сограѓани, жртви од масакрот кој го изврши советската војска во Баку и другите градови, а меѓу кои се наоѓаат голем број жени и деца, јавува Агенција Анадолија (АА)
Болката нанесена во масакрот, кој влезе во историјата како „Крвавиот јануари“, сѐ уште е свежа во срцата на сите Азербејџанци и денес, 32 години подоцна.
Крвавите настани од јануари 1990 година, кои Азербејџанците, исто така, ги паметат како херојски еп, исто така се сметаат за важна пресвртница во стекнувањето независност по 70 години советско заробеништво.

Крвавите настани од јануари го забрзаа распадот на Советскиот Сојуз, го разгореа чувството на независност кај Азербејџанците. Во коренот на овие настани беше проблемот со Нагорно Карабах.
Кон крајот на 1980-тите, Ерменците ги интензивираа своите активности за одвојување на Нагорно Карабах од Азербејџан, а во декември 1989 година, Врховниот совет на Ерменската Советска Република одлучи да го обедини Нагорно Карабах со Ерменија.
На оваа одлука реагираа Азербејџанците и во Баку беа одржани демонстрации на кои присуствуваа стотици илјади луѓе. Граѓаните маршираа на Плоштадот на слободата во Баку за да покажат незадоволство од зголемените територијални барања на Ерменците и советските власти.
Континуираните протести ја вознемирија тогашната советска Влада и беше одлучено да се испратат војници во Баку. Луѓето, пак, ги блокираа влезовите во градот и движењето на воените единици во Баку.
Прво, на 19 јануари 1990 година, советската разузнавачка служба го разнесе снабдувачот на енергија на азербејџанската телевизија. Вечерта околу 26.000 припадници на Советската армија, придружувани од оклопни возила од пет правци, влегоа во Баку.

Советската војска стигна до градот, гаѓајќи со куршуми невооружени цивили кои се обиделе да ги блокираат. Кон луѓето биле насочени тенкови и тешки оклопни возила, а пукано е и кон возилата на Брзата помош. Во Баку таа ноќ животот го загубија 130 цивили.
Советската армија го продолжи масакрот и во други покраини, како Нефтчала и Ланкаран, а жртви на масакрот на 20 јануари беа вкупно 147 азербејџански цивили. Во настаните беа повредени 744 лица, околу 400 луѓе беа заробени од Советската армија.
И покрај прогласувањето на вонредна состојба од страна на советската администрација во Баку и целосната контрола на градот што ја имаше војската, луѓето повторно излегоа на улиците и почнаа со испраќање и погребување на мачениците. На погребот на мачениците присуствуваа околу милион луѓе.
„Крвавиот јануари“ целосно ја разниша довербата на Азербејџанците во советската администрација и го започна процесот што доведе до независност на земјата.
Секој 20 јануари, веќе 32 години, Азербејџанците се собираат на Гробиштата на мачениците со каранфили, кои станаа симбол на 20 јануари, и изразуваат благодарност до оние кои го запалија огнот на независноста.