Hakan Çopur
28 Февруари 2016•Ажурирај: 29 Февруари 2016
ВАШИНГТОН (АА) - Поранешната американска државна секретарка Хилари Клинтон, уверливо победи во предизборната трка за номинација за претседателски кандидат од редот на Демократската партија во Јужна Каролина, јавува Anadolu Agency (AA).
Претседателските избори во САД ќе се одржат на 8-ми ноември оваа година, а во тек се и внатрепартиските трки по сојузните држави за избор на претседателски кандидат на демократите и републиканците, двете политички опции кои ја водат политиката во САД.
Вчера беа одржани предизбори во Јужна Каролина меѓу приврзаниците на демократите, а Клинтон според прелиминарните резултати освои 73,5 отсто од гласовите и стекна предност во однос на својот опонент и сенатор на Вермонт, Берни Сандерс, кој синоќа освои 26 отсто од гласовите.
Непосредно по објавувањето на резултатите, Клинтон рече дека предизборната кампања низ Јужна Каролина се шири и на национално ниво, а аналитичарите сметаат дека клучот за нејзината синоќешна победа важна улога одиграа гласовите на афроамериканската популација во Јужна Каролина.
Клинтон победи и во две од трите држави во кои претходно се одржаа избори. Во Ајова и Невада славеше победа со помала разлика, додека Сандерс победи во Њу Хемпшир.
Најинтересна внатрепартиска трка за избор на претседателски кандидат во САД ќе се одржи на 1-ви март, која американската јавност веќе ја нарекува „супер трка”. Демократите тој ден ќе избираат во 11, а републиканците во 13 сојузни држави.
Долгиот циклус на внатрепартиски избори во преостанатите сојузни држави ќе се одржуваат до лето, а потоа своите делегати ќе ги испратат на завршни национални партиски конвенции во јули, на кои конечно ќе се одредат демократските и републикански кандидати за претседателски избори кои ќе се одржат на 8-ми ноември оваа година.