Bilal Güler,Sayed Khodaiberdi Sadat
24 Јуни 2022•Ажурирај: 25 Јуни 2022
ПАКТИКА (АА) - Првите контингенти хуманитарна помош беа доставени во окрузите Гијан и Бармел во авганистанската провинција Пактика, која пред два дена беше погодена од разорниот земјотрес во кој животот го загубија повеќе од илјада луѓе, а повеќе од 1.500 луѓе се повредени, јавува Агенција Анадолија (АА).
Поради лошата патна инфраструктура, помошта најмногу се доставуваше во Кабул, а потоа со хеликоптери се транспортираше до локалното население погодено од регионите погодени од земјотресот.
Помошта е доставена и во областа Гијан, а станува збор за хуманитарна помош која во Авганистан пристигнала од многу земји.

Помош во вид на храна, ќебиња и медицински материјали беше доставена до семејствата погодени од земјотресот со помош на агенциите на Обединетите нации и голем број невладини организации вклучени во хуманитарната мисија.
Турската Црвена полумесечина испорача помош во храна на 500 семејства, а хуманитарната организација ИХХ на 500 лица им подели топли оброци.
Заменик-министерот за здравство на талибанците, Календер Ибад, заменик-министерот за имиграција и враќање, Халилурахман Хакани, министерот за внатрешни работи, Сираџедин Хакани и голем број други талибански претставници во Авганистан го посетија регионот погоден од земјотресот и најавија интензивирање на помошта.

Со поддршка на меѓународни невладини организации, Министерството за здравство на талибанската администрација започна со здравствен скрининг во областа на земјотресот.
Низ Авганистан започна кампања за помош на жртвите од земјотресот.
Во разговор со новинарот на АА, многу преживеани од земјотресот рекоа дека залихите со храна во нивните домови исто така се оставени во урнатини и дека итно им требаат залихи со храна и шатори.

„Немаме шатор. Нашата куќа е уништена. Студено е ноќе. Останавме надвор на дождливото време. Немаме каде да преноќиме. Децата ги испративме во куќите на нашите роднини во други села“, рече една од погодените од земјотресот, не сакајќи да го открие својот идентитет.
Раководството на провинцијата Пактика во соопштение наведе дека работите за пребарување и спасување се завршени и дека се започнати работите на отстранување на урнатините.