Recep Şakar
21 Декември 2017•Ажурирај: 21 Декември 2017
МЕЛБУРН (АА) - Во морскиот простор на Папуа Нова Гвинеја пронајдени се остатоци од „HMAS AE-1“ (ХМАС АЕ-1), првата австралиска морнаричка подморница која со 35 членови на екипажот исчезна пред 103 години, пренесува Anadolu Agency (AA).
Министерката за одбрана на Австралија, Марис Пејн, соопшти дека остатоците од подморницата, која исчезнала на 14 септември 1914 година, се пронајдени во близина на брегот на Островот на војводата од Јорк, на длабочина од 300 метри.
Пејн соопшти дека со откривањето на остатоците е разрешена најстарата морнаричка тајна на Австралија.
„Верувам дека пронаоѓањето на остатоците од подморницата ќе донесе мир за семејствата на жртвите од подморницата. Можеби со текот на времето ќе можеме да ги установиме причините за несреќата“, додаде Пејн.
Австралија во текот на низата години организираше 12 акции за потрага по остатоците на „HMAS AE-1“.
Подморницата е пронајдена благодарение на камерите кои минатата недела ги испрати истражувачкиот брод на холандската компанија „MV Fugro Equator“ (МВ Фугро Екватор).
Австралија одлучи да не ја открие точната локација на „HMAS AE-1“ со цел да се заштити подрачјето на коешто е пронајдена подморницата.