Arif Yusuf,İdris Okuducu
18 Декември 2019•Ажурирај: 20 Декември 2019
БАШРА (АА) - Најмалку две лица, што беа повредени минатиот месец за време на интервенцијата од безбедносните сили на антивладините протести во ирачкиот град Башра, починаа во болница, јавува Агенција Анадолија (AA).
Според информациите што ги доби АА, станува збор за демонстранти повредени во ноември како последица на интервенцијата на полицијата на мостот „Зејтун“, кој го поврзува пристаништето „Ум Каср“ со центарот на градот.
Во Ирак се одржуваат масовни протести од почетокот на октомври. „Досега се убиени најмалку 460 Ирачани, а 17.000 се повредени“, соопшти претходно Високата комисија за човекови права на Ирак.
Под притисок на протестите поради корупцијата и лошите животни услови во земјата, ирачкиот Парламент на 1 декември ја прифати оставката на премиерот Адел Абдул Махди.