Barış Gündoğan
18 Декември 2019•Ажурирај: 19 Декември 2019
ЖЕНЕВА (АА) - Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, во врска со безбедната зона во Сирија рече дека ако успее во тоа, ќе биде пример во историјата, јавува Агенција Анадолија (АА).
Претседателот Ердоган одговори на прашањата на новинарите во Женева, каде што присуствуваше на 1. Глобален форум за бегалци.
Наведувајќи дека оствариле билатерални состаноци во Женева, Ердоган рече дека своите ставови за бегалската криза ги истакнал пред Обединетите нации (ОН).
„Како прво, го примив премиерот на Сомалија и разговаравме за билатералните односи и развојот на регионот во Источна Африка“, нагласи Ердоган.
Ердоган рече дека претходно Сомалија се соочувала со голема хуманитарна криза, но денес ситуацијата е подобрена.
„Денес Сомалија не се соочува со таков проблем. Во Сомалија сме присутни во сите полиња, економски, безбедносни, здравствени. Сомалија е еден од најдобрите примери за нашата политика кон угнетуваните“, нагласи претседателот на Турција, Ердоган.
Истакнувајќи дека имал средба и со турските граѓани кои живеат во Европа, Ердоган рече дека ги има околу 6 милиони и дека ќе продолжи да ги подддржува.
- „Ние сме домаќини на најголемиот број бегалци во светот“
Претседателот Ердоган рече дека денес има скоро 260 милиони имигранти, над 71 милион раселени лица и повеќе од 25 милиони бегалци низ светот.
„Според податоците на Обединетите нации, ние сме земја која е домаќин на најмногу бегалци во светот“, истакна Ердоган, додавајќи дека од аспект на хуманитарната помош Турција е на прво место во светот, според националниот доход.
Турскиот претседател истакна дека Турција ја спроведува „Политиката на отворени врати“ како морална и хуманитарна одговорност.
„Истакнуваме дека и светот треба да ја преземе оваа одговорност. Развиените и богати западни земји во однос на бегалската криза не покажаа успех. Некои богати арапски земји се во иста ситуација. Глобалните проблеми можат да се надминат само преку глобална соработка и солидарност. Бегството на светот од бегалскиот проблем нема да го реши проблемот", рече Ердоган.
„Решавањето на сириската бегалска криза зависи од крајот на сириската граѓанска војна. Додека сме домаќини на бегалците, работиме напорно за политичко решение на кризата. Се обидуваме процесите Астана и Женева да останат ефективни и да даваат резултати. Нашата цел е да го прекинеме теророт со зачувување на територијалниот интегритет на Сирија и да обезбедиме бегалците да се вратат во своите домови доброволно, безбедно и со достоинство. Затоа многу е важно да се формира безбедната зона“, порача турскиот претседател.
Истакнувајќи дека во ОН имал обраќање за бегалците, Ердоган потсети дека Турција е домаќин на милиони беглаци и дека имаат план за коренито решение.
Одговарајќи на прашањето „Каква беше поддршката на планот за безбедна зона на Глобалниот форум за бегалци“, Ердоган рече: „Во однос на нашиот повик за безбедната зона, сè уште од економски силните земји во светот не слушнавме да кажат: ’И ние сме тука‘. Ние сè уште чекаме, но нема ништо.“
Ердоган во однос на тоа прашање додаде:
„Досега инвестиравме повеќе од 40 милијарди американски долари. Како што реков претходно, се надевам дека можеме да направиме таков чекор во должина од 120 километри и 32 километри длабочина помеѓу Тел Абјад и Рас ал Ајн. Секако дека ние ќе ја обезбедиме и безбедноста во овој регион. На оваа тема разговаравме со Американците и со господинот Путин во вторникот. Сите тие велат ’да ги продолжиме работите во солидарност‘. Ако успееме во тоа, ќе биде пример во историјата. Бегалците ќе велат дека градот или градовите ги изградила Турција. Тоа е многу значајно за нас. Проектот е многу добар. Откако ќе го направиме овој чекор може да се појават некои да речат ’и ние да бидеме тука‘. Ние сепак ќе продолжиме да упатуваме повик.“
- Случувањата во Либија
Потсетувајќи дека имал телефонски разговор со рускиот претседател, Владимир Путин, Ердоган исто така одговори и на прашањето „Дали Турција има планови да испрати војници во Либија“.
„Ние дадовме инструкции. Во рамките на тие инструкции, нашите пријатели за кратко време ќе остварат посета на Москва. Делегацијата ќе биде составена од заменик-министерот за надворешни работи, заменик -министерот за одбрана и член од разузнавачка и национална безбедност. Со нивните соговорници ќе разговараат за регионалните теми. Ние од господинот Путин побаравме конструктивност и за кратко време да даде резултати. И Путин рече дека ќе ги даде истите инструкции. Се согласивме да се разговара и за Либија и за Сирија“, додаде Ердоган.