Burak Karacaoğlu,Eşref Musa,Adham Kako
18 Декември 2019•Ажурирај: 20 Декември 2019
ИДЛИБ (АА) - Поради нападите кои ги извршуваат силите лојални на режимот на сирискиот претседател Башар ал Асад и нивните сојузнички руски сили, во изминатите 24 часа на подрачјето на деескалациската зона во Идлиб се раселени најмалку 12.000 цивили кои мигрирале во местата во близина на сириско-турската граница, јавува Агенција Анадолија (AA).
Директорот на Координацијата за дејствување во Сирија, Мухамед Халај, за АА изјави дека силите на режимот на Асад, здружените со нив проирански терористички групи и руските сили извршуваат жестоки напади на населените места во Идлиб и дека сѐ поголем број граѓани ги напуштаат своите домови.
Тој изјави дека ситуацијата е најтешка на периферијата на Маратинуман која се наоѓа на јужниот дел на Идлиб.
„На цивилите кои ги напуштија своите домови им е потребна итна помош, првенствено им е потребно храна, ќебиња и други најосновни потреби за живот“, изјави Халај.
Халај изјави дека од ноември во Идлиб се раселени најмалку 20.000 семејства, односно речиси 110.000 цивили.
„Тие луѓе живеат во особено тешки услови. Стотици семејства се без кров над глава. Поголемиот дел се жени и деца кои засолниште бараат под крошните на маслиновите стебла“, изјави Халај.
Тој ги обвини режимските сили на Асад и нивните сојузници дека ги бомбардираат и училиштата, болниците, џамиите и други цивилни објекти.
Во Идлиб, како тврдина на сириската опозиција, живеат речиси 4 милиони жители и интерно раселени лица кои се цел на постојани режимски напади.
Со посредство на Турција, Русија и Иран за време на мајските преговори во 2017 година во Астана, Идлиб е прогласен за зона на деескалација. Во Сочи на 17 септември 2018 година е постигнат додатен договор за примирје во Идлиб и воспоставување деескалациска зона.
Во согласност со Договорот, опозициските сили во октомври го повлекоа тешкото вооружување од регионот, а силите лојални на режимот на Асад не ги запреа артилериските и воздушните напади во тој регион.
Од потпишувањето на Договорот меѓу Русија и Турција на 17 септември 2018 година, до овој момент од нападите на режимот и Русија во деескалациската зона во Идлиб животот го загубија повеќе од 1.300 цивили.