Nuri Aydın
12 Октомври 2022•Ажурирај: 12 Октомври 2022
АНКАРА (АА) - Министерството за заштита на Нов Зеланд соопшти дека на плажата Тупуанги во петокот се насукале 232 кита, а во понеделникот 245 во заливот Уаихеке, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во соопштението споделено на профилот на Министерството на социјалната мрежа Фејсбук се наведува: „Овие настани се тешки. И покрај тоа што станува збор за природни настани, тие сепак се вознемирувачки и жални за оние кои помагаат.“
Дарен Гровер, генерален директор на непрофитната невладина организација Проект „Џона“ (Project Jonah), која е вклучена во спасувањето на китовите, изјави дека како и во минатото, волонтерите не можеле да преземат акција за да ги извлечат насуканите китови и да им овозможат повторно да запливаат поради оддалеченоста на областа и присуството на ајкули.
Посочувајќи дека околу островите Чатам има многу храна со која се хранат китовите, Гровер истакна дека китовите, приближувајќи се до брегот, во еден момент се нашле насукани во плитките води.
Иако масовното насукување на пилот-китови е доста честа појава во Нов Зеланд, особено во текот на летните месеци, засега причината за тоа е непозната.
Сепак, се претпоставува дека плажите со плитка вода ги става во заблуда китовите, што доведува до насукување на овие огромни морски суштества на брегот.
Двесте и петнаесет пилот-китови починаа на 8 октомври насукувајќи се на островот Чатам, кој заедно со островот Пит го формира архипелагот Чатам на Нов Зеланд.