Turgut Alp Boyraz
09 Јуни 2016•Ажурирај: 09 Јуни 2016
ТЕЛ АВИВ (АА) - Почина и четвртата жртва на вчерашниот вооружен напад во регионот Сарона во центарот Тел Авив, јавува Anadolu Agency (AA).
Израелската полиција соопшти дека еден израелски државјанин починал во болница од здобиените повреди за време на вчерашниот вооружен напад извршен од страна на двајца напаѓачи кои отворија оган на минувачи во блискиот трговски центар во центарот на Тел Авив.
Во соопштението се наведува дека се уапсени двајца Палестинци од градот Ал Халик на јужниот дел од окупираниот Западен брег, кои се сомничат за нападот. Двајцата се на возраст од 20 години и доаѓаат од исто семејство.
Во исто време, од Кабинетот на израелскиот премиер соопштено е дека премиерот Бенјамин Нетанјаху за денес најави вонредна седница на Владата на која ќе бидат разгледувани мерките за вчерашниот напад.
Од полицијата, претходно, е соопштено дека во нападот се ранети 12 лица, од кои четири починаа во болница, а преостанатите осум се хоспитализирани.
Полицијата со огнено оружје рани, а потоа и уапси едно лице кое се сомничи дека го извршило нападот.
Блискиот Исток од ноември минатата година е повторно средиште на чести инциденти во кои израелските безбедносни сили поради сомневање за обид за напад, убија над 200 Палестинци, а во истиот период во нападите се убиени вкупно 34 Израелци.