Kaamil Ahmed
29 Јануари 2017•Ажурирај: 30 Јануари 2017
ЕРУСАЛИМ (AA) - Премиерот на Израел, Бенјамин Нетанјаху, денес изјави дека очекува амбасадите на сите држави да се преселат од Тел Авив во Ерусалим, вклучувајќи ја и амбасадата на САД, јавува Anadolu Agency (AA).
„Нашата позиција беше и секогаш ќе биде, местото на амбасадата на САД е овде во Ерусалим“, истакна Нетанјаху во текот на денешната седница на владата на Израел, а изјавата е своевиден одговор на тврдењата дека е одложен контроверзниот план на американскиот претседател Доналд Трамп за преселување на американската амбасада.
Нетанјаху изјави и дека Ерусалим е главен град на државата Израел и додаде оти се надева во скоро време амбасадите на сите држави да бидат преселени таму.
Во текот на минатогодишната предизборна кампања, неодамна инаугурираниот американски претседател Трамп најави дека нема да се двоуми за преселувањето на американската амбасада од Тел Авив во Ерусалим.
Од друга страна, официјално, од Белата куќа минатата недела е соопштено дека тоа прашање е во фаза на прелиминарни преговори и дека досега не е донесена никаква одлука за тоа.
Марк Зел, лидер на републиканците во Израел, за израелското воено радио вчера изјави дека Трамп го одложил прашањето за преселување на амбасадата откако израелските официјални лица изразија загриженост за тој процес.
Меѓународната заедница не ги признава израелските тврдења за Ерусалим како главен град на таа земја и повеќето амбасади се сместени во Тел Авив. Голем број палестински лидери предупредија дека преселувањето на американската амбасада би значело признавање на израелската окупаторска политика.