Zeynep Tüfekçi
04 Јули 2018•Ажурирај: 04 Јули 2018
ТРИПОЛИ (АА) - Најмалку шест лица загинаа, а 125 се спасени по вчерашниот бродолом на брод кој превезуваше мигранти во либискиот акваториум на Средоземното Море, јавува Anadolu Agency (AA).
Бродот со мигранти потона осум милји од брегот на градот Караболи.
Морнарицата на либиската Влада на национално единство соопшти дека сите спасени мигранти се префрлени во миграциските центри во Триполи, и дека меѓу нив има 28 жени и шест деца.
Сите настрадани се мигранти од африканските земји кои се обидувале да стигнат до европскиот брег.
Либија е средиште на длабока политичка и безбедносна криза уште од 2011 година, кога беше убиен Муамер Гадафи. Оттогаш на власт се паралелни влади со седиште во Триполи и Тобрук, кои имаат одделни парламенти и вооружени сили.
Кон крајот на 2015 година, претставниците на паралелните либиски влади под покровителство на Обединетите нации потпишаа договор за формирање Влада на национално единство.
Планот беше таа влада да ја преземе власта во земјата и во рок од 12 месеци да распише парламентарни избори. Поради продолжување на несогласувањата, тоа досега во целост не е имплементирано, поради тоа Либија сè уште е далеку од безбедна и политички стабилна земја.
Како таква, Либија стана една од главните рути по која мигрантите од сиромашните африкански земји се обидуваат да дојдат во европските земји.
Во сузбивањето на илегалната миграција во Медитеранот, на либиските сили помош им дава и Европската Унија.
Меѓународната организација за миграции (IOM) претходно соопшти дека од почетокот на годината во водите на Средоземното Море животот го загубија повеќе од 1.000 мигранти, а изминатиот викенд загинаа најмалку 204 лица.
Според податоците на ИОМ, од почетокот на оваа година од Либија преку Средоземното Море во Европа стигнале најмалку 45.000 мигранти.