Ikrame Imane Kouachi
09 Март 2024•Ажурирај: 10 Март 2024
АНКАРА (АА) - Најмалку 82 Палестинци се убиени, а 122 се повредени во последните 24 часа во израелските напади на опколениот Појас Газа, соопшти во саботата Министерството за здравство на палестинската енклава, пренесува Анадолу.
„Израелската окупација изврши 10 масакри над семејствата во Појасот Газа“, се вели во соопштението.
„Голем број луѓе и понатака се заробени под урнатините и на патиштата бидејќи спасувачките екипи не можат да дојдат до нив. Околу 72% од жртвите на израелската агресија на Газа се деца и жени“, се истакнува во соопштението.
Кршејќи ја привремената одлука на Меѓународниот суд на правдата (МСП), Израел продолжува со нападите на Појасот Газа, каде од 7 октомври уби најмалку 30.960 Палестинци, воглавно жени и деца, а 72.524 се повредени.
По обвинението за геноцид што ја поднесе Јужноафриканската Република, Меѓународниот суд на правдата на 26 јануари пресуди дека Израел мора да се воздржи од какви било активности поврзани со убивање, напади и уништување на жителите на Газа и да ги преземе сите мерки за да спречи геноцид.
И покрај тоа, израелските напади врз Појасот Газа продолжуваат со несмален интензитет, а испораката на хуманитарната помош не е доволна за решавање на хуманитарната катастрофа.