Ekipa
24 Декември 2018•Ажурирај: 25 Декември 2018
КАРАЧИ/ИСЛАМАБАД (АА) - Пакистанскиот суд денес му изрече казна затвор во времетраење од седум години на поранешниот премиер Наваз Шариф за два случаи на корупција, јавува Anadolu Agency (AA).
Шариф присуствуваше на изрекувањето на пресудата во судот во главниот град Исламабад, по 15-месечниот правен процес за случаите.
Поранешниот премиер, кој беше на функцијататри мандати, е казнет со еквивалентна казна во износ од 25 милиони долари.
Во септември 2017 година, по наредба на пакистанскиот Врховен суд, државното тело за надзор на корупцијата, Бирото за национална одговорност, го обвини Шариф за криење средства, имот во Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати на име на неговите тогаш малолетни синови, во текот на неговите први два мандата како премиер на Пакистан, во раните 1990-ти години.
Шариф ги негираше обвиненијата, обвинувајќи ја Владата и естаблишментот за примена на селективна правда против неговата партија и семејството.
Судот минатата недела го отфрли барањето на Шариф за одложување на пресудата за една недела, кој сакаше да достави повеќе докази во прилог на неговиот случај.
- Протести
Стотици полициски сили од раните утрински часови се пред судот, со цел да ги сопрат поддржувачите на Шариф, кои се собраа во голем број. Снимките на локалната „Geo TV“ покажаа дека полицијата поставува бодликава жица за да ги спречи активистите да влезат во просториите на судот.
Само на неколку партиски лидери и новинари им беше дозволено да влезат во малата судница.
Во мај Шариф (68) беше осуден на 10 години затвор во случајот за корупција, кој произлезе од скандалот со „Панама-документите“, но високиот суд во Исламабад ја суспендира пресудата во септември.
Во јули 2017 година, Наваз Шариф беше отстранет од функцијата поради скандалот со „Панама-документите“ кој доведе до започнување на три судски случаи за корупција. Кратко потоа, највисокиот суд му издаде забрана да раководи со неговата партија.
Шариф беше премиер од 1990 до 1992, од 1997 до 1999 и од 2013 до 2017 година, но не можеше да заврши ниту еден петгодишен мандат. Неговите две претходни влади беа распуштени поради обвиненија за корупција и преку воените удари во 1992 и 1999 година.