Islam Uddin,Amir Latif Arain,Riyaz Khaliq Khaliq
10 Мај 2023•Ажурирај: 11 Мај 2023
ИСЛАМАБАД (АА) - Пакистанскиот суд за борба против корупцијата му одреди осумдневен полициски притвор на поранешниот премиер Имран Кан поради обвинение за корупција, покажа судскиот запис денес, јавува Анадолу.
Судот, кој беше привремено преместен во полициска куќа за гости во главниот град Исламабад, го задржа Кан во државната антикорупциска агенција, Националното биро за одговорност.
Одлуката е донесена откако федералната Влада распореди војска во провинциите Пенџаб и Хајбер Пахтунхва поради демонстрациите против апсењето на Кан.
Федералното Министерство за внатрешни работи ги одобри барањата на провинциските преодни влади за распоредување војници.
Одлуката следуваше откако полицијата приведе голем број опозициски активисти во текот на ноќта низ Пакистан по гневот и широко распространетите протести поради апсењето на Кан под обвинение за корупција.
Околу судот беа распоредени и контингенти од полициски и паравоени сили во опрема за немири, а сите патишта што водат до него беа затворени.
Најмалку уште три лица починаа во Хајбер Пахтунхва, потврдија здравствените власти денес, со што бројот на загинати се искачи на шест.
Полициски претставници рекоа дека повеќе од 1.200 демонстранти се приведени за време на демонстрациите што продолжија во многу делови на јужноазиската земја.
Високиот суд во Исламабад вчера нареди апсење на Кан (70), што предизвика насилни протести низ целата земја, додека судот за борба против корупција, исто така, во главниот град, денес одделно го обвини Кан во случај поврзан со нелегално купување и продавање странски подароци.
Адвокатите на Кан го бојкотираа рочиштето откако судијата одби да го одложи неговото обвинение во судскиот процес, популарно познат како „случај Тошахана“.
Кан се изјасни за невин на судењето.
Од неговото апсење вчера најмалку шест лица се убиени во судирите меѓу демонстрантите од партијата на Кан, пакистанската Техрик-е-Инсаф (ПТИ) и полицијата.
Меѓу приведените беа Умар Шарфраз Чема, поранешен гувернер на североисточната провинција Пенџаб, Асад Умар, генерален секретар на ПТИ и неколку пратеници и партиски претставници.
ПТИ денес повика на национални протести, но се огради од насилство, повикувајќи ги приврзаниците да останат мирни и да се соберат пред полицискиот штаб во Исламабад, каде што Кан се појави пред судија.
Додека мобилниот интернет и платформите за социјални медиуми остануваат ограничени, училиштата беа затворени во многу делови од земјата.
Демонстрантите, исто така, упаднаа во зградата на Радио Пакистан во северозападниот град Пешавар и ја ограбија нејзината редакција и разни други делови.
Шефот на државниот радиодифузен сервис, Тахир Хасан, за новинарите изјави дека стотици упаднале во зградата откако го пробиле главниот влез.
„Тие запалија материјали и опрема“, рече тој, додавајќи дека ова е втор напад врз Радио Пакистан од вчера.
Претходно лидерот на ПТИ, Шах Махмуд Куреши, рече дека партијата нема информации за тоа каде се наоѓа Кан.
Адвокатот на Кан, Фајсал Чодри, исто така, им кажа на новинарите дека немал контакт со својот клиент.
Поранешниот премиер беше обвинет од Високиот суд во Исламабад во еден од неколкуте случаи поднесени против него од неговото соборување минатиот април. Неговата партија вели дека случаите се политички мотивирани.
Откако беше сменет од власт по губењето гласање за доверба, тој водеше кампања за предвремени избори и ги обвини САД, како и моќната војска во земјата, дека го смениле од функцијата.
Кан беше уапсен во врска со наводите за корупција во која е вклучена фондацијата на Универзитетот Ал Кадир.