İsmet Karakaş
24 Декември 2018•Ажурирај: 25 Декември 2018
ТАИЗ (АА) - ИСМЕТ КАРАКАШ - Екипа на Anadolu Agency (AA) ја сними ситуацијата во населбата Ал-Џахмалија во јеменскиот град Таиз, во кој се вложуваат напори за исцелување на раните по постигнатото примирје по жестоките судири меѓу провладините сили и Хусите.
Таиз е еден од најголемите градови во Јемен, а неговите жители по постигнатото примирје се обидуваат да воспостават нормален живот во таа средина.
Во градот кој едно време беше под контрола на Хусите и ДЕАШ, можат да се видат срушени објекти. Исто така, жителите поради судирите беа принудени да побараат посигурни подрачја, а инфраструктурата во градот во потполност е уништена. Жителите имаат пристап до многу ограничени ресурси за вода и електрична енергија.

Децаат немаат можност за школување, а на подрачјето под контрола на владините сили можно е да се забележат постојани безбедносни патроли.
Еден од жителите на населбата Ал-Џахмалија е и Ријад Абдулхамид, кој со осумчленото семејство живее таму подолг период. Тој кажа дека и пред војната имало сиромаштија, но барем безбедносната ситуација била стабилна.
Абдулхамид појасни дека се среќаваат со низа проблеми, меѓу кои е и ограничениот пристап до храна.
„Војната и судирите донесоа големи разорувања во нашата населба. Останавме без електрична енергија и вода. Подоцна уништени се канализацискиот систем и инфраструктурата со поставување на експлозивни направи“, рече Абдулхамид.
Тој додаде дека по тие разорувања, населението било приморано да побара побезбедно подрачје, а во своите домови се вратиле во декември 2016 година.
Појаснува дека судирите започнале повторно откако владините сили воспоставиле контрола на подрачјето.
„Дневно имаше до 70 бомбардирања. Бомбардирањата ги изведуваа групи поврзани со ДЕАШ и Хусите. Дури се обидоа на целиот свет да му порачаат дека Џахмалија е под контрола на ДЕАШ и дека нема никому да му ја предадат“, појасни Абдулхамит.
Според него, целите не биле бирани, а во тој период Хусите споменатата населба ја користеле како центар и со истрели по случаен избор сакале да ја истераат спротивната страна.
Во судирите се ранети голем број цивили, а здравствените центри не биле во можност да дадат адекватна помош. Абдулхамид нагласи дека значајна била поддршката што Турција и турската Црвена полумесечина му ја пружиле на Јемен.
За време на судирите ранет е и Садик Бакас Мухамед ал Амири, кој има парализа на долниот дел од телото.
Помош е побарана од Турција, а Амбасадата и турскиот народ одговорија на повикот.
„Ѝ се заблагодарувам на Турција што секогаш е покрај Јемен. Јас сум болен и не можам во Јемен да ја добијам адекватната помош, затоа ја молам Турција таму да продолжам со лечењето“, рече Ал Амири.