Положени цвеќиња пред павилјонот Бонди по смртоносното масовно пукање на плажата во Сиднеј
По смртоносниот напад, австралискиот премиер Ентони Албаниз изјави дека прашањето за „построги закони за оружје“ ќе биде разгледано на седницата на националниот Кабинет денес
СИДНЕЈ (АА) - Граѓани се собраа денес пред павилјонот Бонди во Сиднеј, каде што положија цвеќиња и им оддадоа почит на жртвите во масовното пукање на плажата Бонди, во кое загинаа најмалку 15 лица, јавува Анадолу.
Меморијалот стана централно место за жалост, каде што жителите и посетителите им оддадоа почит на загинатите во нападот што ја потресе сојузната држава Нов Јужен Велс.
По смртоносниот напад, австралискиот премиер Ентони Албаниз изјави дека прашањето за „построги закони за оружје“ ќе биде разгледано на седницата на националниот Кабинет денес.
Според официјалните информации, во нападот загинале најмалку 16 лица, меѓу кои 15 жртви и еден од напаѓачите, а 42 лица се хоспитализирани по инцидентот што се случи во неделата.
Австралиската полиција претходно соопшти дека двајцата осомничени напаѓачи се татко и син и дека истрагата не укажува на постоење дополнителни осомничени. Таткото е убиен на местото на настанот, а синот се наоѓа во болница во критична состојба.
„Владата е подготвена да преземе какви било неопходни чекори. Во тоа е вклучена и потребата од построги закони за оружје“, изјави Албаниз на прес-конференцијата.
Тој додаде дека на дневен ред ќе бидат разгледани ограничувањата за бројот на оружје што може да го поседуваат со дозвола поединци, како и периодична ревизија на дозволите.
„Дозволите не треба да бидат доживотни, а неопходни се и редовни проверки за да се обезбедат соодветни механизми на контрола“, рече премиерот.
Премиерот на Нов Јужен Велс, Крис Минс, исто така, изјави дека законите за оружје треба да се сменат за да се осигури дека синоќешниот напад нема да се повтори.
„За ова е потребна законска интервенција. Тоа значи поднесување предлог-закон во Парламентот и отежнување на пристапот до овие застрашувачки оружја што немаат практична употреба во нашата заедница“, изјави тој, пренесе Австралиската радиодифузна корпорација (ABC).
Нападот беше остро осуден од меѓународната заедница, која изрази сочувство до семејствата на жртвите и солидарност со австралискиот народ.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
