свет

Ахмед, херојот кој го разоружа напаѓачот на австралиска плажа, бил „погоден 4 до 5 пати“

„Виде дека умираат луѓе и дека се губат животи. Кога тој човек (напаѓачот) остана без муниција, Ахмед му го зеде оружјето, но беше погоден“

Seyit Şamil Kurt  | 15.12.2025 - Обновена : 16.12.2025
Ахмед, херојот кој го разоружа напаѓачот на австралиска плажа, бил „погоден 4 до 5 пати“

ИСТАНБУЛ (АА) – Ахмед ал Ахмед (43), кој беше прогласен за глобален херој откако спречи напаѓач за време на масовното пукање на австралиска плажа, бил „погоден четири до пет пати“, соопштија неговите родители денес, јавува Анадолу.

„Виде дека умираат луѓе и дека се губат животи. Кога тој човек (напаѓачот) остана без муниција, Ахмед му го зеде оружјето, но беше погоден“, изјави мајката Малаке Хасан ал Ахмед за Австралиската корпорација Еј-би-си (ABC).

Ахмед e „погоден четири до пет пати во рамото, а неколку куршуми сѐ уште се заглавени во телото“, рекоа неговите родители од Сирија, кои пристигнале во Австралија пред неколку месеци.

Австралиската полиција соопшти дека двајца неидентификувани напаѓачи, 50-годишен маж и неговиот 24-годишен син, отвориле оган на плажата Бонди во Сиднеј вчера, при што загинаa 15 лица, а 42 се повредени и пренесени во болница на лекување.

Едниот од напаѓачите e убиен, додека другиот се наоѓа со критични повреди, соопшти полицијата, која го окарактеризира инцидентот како „терористички чин“.

Ахмед се преселил во Австралија во 2006 година од Сирија, каде што е роден во селото Ал-Најраб, во покраината Идлиб, на северозападот на земјата. Тој е австралиски државјанин и се занимава со продавање на овошје.

Од преселбата пред 19 години, Ахмед бил одвоен од своите родители. „Се молиме Бог да го спаси“, изјавија тие.

Ахмед е татко на две ќерки, на возраст од три и шест години.

Ахмед „би направил сè за да заштити некого, без оглед на нивното потекло или вера“, рекоа неговите родители.

„Кога го направи тоа, не размислуваше кого спасува, едноставно гледаше луѓе што умираат на улица“, додаде таткото, чиј чин ја воодушеви јавноста низ светот.

Австралискиот премиер Ентони Албаниз го прогласи Ахмед за „херој“.

„Ахмед не прави разлика меѓу националности. Особено овде, во Австралија, нема разлика меѓу граѓаните“, истакнаа неговите родители.

Според нив, Ахмед и неговиот пријател пиеле кафе на плажата вчера кога слушнале истрели. Набрзо се појави видео од инцидентот на кое се гледа како Ахмед му приоѓа одзади на еден од напаѓачите, се нафрла врз него и му го одзема оружјето. Снимката стана вирална со милиони прегледи.

Првата операција на Ахмед била успешна, изјави денес неговиот братучед Хозај Алканџ.

„Мислам дека ќе има уште две или три операции, зависи“, додаде тој.

И американскиот претседател Доналд Трамп го пофали неговиот чин, нарекувајќи го Ахмед „храбра личност“ за која има „голема почит“.

„Тоа беше многу храбар човек кој фронтално се соочи со еден од напаѓачите и спаси многу животи“, изјави Трамп во Белата куќа.

Онлајн хуманитарна акција започната на негово име собра повеќе од еден милион долари донации.

Полицијата призна дека интервенцијата на цивил помогнала да се спречи поголема трагедија.

Ахмед останува хоспитализиран, додека истрагата за нападот продолжува.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.