Ekipa
01 Јануари 2020•Ажурирај: 02 Јануари 2020
ПЕРТ
Во пожарите кои со недели беснеат во Австралија досега животот го загубија 17 лица, а изгореа околу 5 милиони хектари земјише, додека уништени се повеќе од 1.000 домови, јавува Агенција Анадолија (АА).
Властите денеска (среда) ангажираа поморски бродови и авиони за да им помогнат на заедниците погодени од пожарите. Во градовите каде што резервите се исцрпени, војниците доставуваат вода, храна и гориво.
Најмногу е погоден јужниот брег на државата Нов Јужен Велс каде што смртно настрадаа 15 лица, додека 175 домови се уништени. Во државата сѐ уште се активни повеќе од 100 пожари.
Околу 4.000 жители и туристи вчера (вторник) мораа да ги напуштат своите домови во градот Малакута во австралиската држава Викторија и да побараат спас на плажите.
Со почетокот на летните горештини во Австралија започна и сезоната на пожари. Земјата се соочува со рекордно високи температури, а според прогнозите на метеоролозите, Австралијците ги очекуваат уште три исклучително топли месеци.
Катастрофалната ситуација со пожарите доведе до тоа властите да ја оценат сезонава за најлоша, а потегнато е и прашањето дали конзервативната Влада на премиерот Скот Морисон презела доволно мерки во врска со климатските промени.