Recep Şakar
24 Ноември 2020•Ажурирај: 25 Ноември 2020
МЕЛБУРН (АА) – Во Мелбурн, главниот град на австралиската сојузна држава Викторија, кој беше центар на епидемијата од коронавирусот со најголем број на починати, бројот на случаи се намали на нула, пренесува Агенција Анадолија (АА).
На прес-конференцијата во Мелбурн, премиерот на државата Викторија, Даниел Ендрјус, истакна дека со оздравувањето на последниот активен пациент во државата нема случаи на Ковид-19.
Ендрјус наведе дека со отпуштањето од болница на последниот пациент со Ковид-19, бројот на активни случаи е намален на нула по 9 месеци.
Тој, исто така, им се заблагодари на сите што работеле во здравствениот систем и на сите граѓани што придонеле за ставање на крај на вирусот.
Во јуни, прогласувајќи состојба на катастрофа во Мелбурн, Владата спроведе најстроги мерки во Австралија.
Во деновите кога дневниот број на случаи се искачи на 725, Владата прогласи полициски час во градот и забрани напуштање на домовите, освен во ситуации кога има потреба.
Исто така, Владата ги затвори сите работни места, освен продавниците што продаваат основни прехранбени продукти.
Мелбурн, кој е избран како најдобар град за живеење во светот седум пати по ред, од 2011 до 2017 година, од страна на организацијата „Економист интелиџенс јунит“ („The Economist Intelligence Unit“), со седиште во Велика Британија, исто така беше и центар на епидемијата на Ковид-19, каде што беа регистрирани најмногу случаи и најголем број на починати.
Од 27.848 лица што беа заразени со Ковид-19 во Австралија, 20.345 беа од државата Викторија.
Од друга страна, во земјата има 96 активни случаи, а лекувањето на 21 лице продолжува во разни болници низ земјата.