свет

По финансиската спогодба бродот „Евер гивен“ ги напушти територијалните води на Египет

Египет се согласи на финансиска спогодба од 540 милиони долари, откако Управата на Каналот на почетокот на спорот побара околу 960 милиони долари

Mohammad Farid Mahmoud Abdullah  | 13.07.2021 - Обновена : 14.07.2021
По финансиската спогодба бродот „Евер гивен“ ги напушти територијалните води на Египет

КАИРО (АА) - Бродот „Евер гивен“ под знамето на Панама денес ги напушти територијалните води на Египет, откако 107 дена беше држен од локалните власти бидејќи го блокира Суецкиот Канал, јавува Агенција Анадолија (АА).

Минатата недела Управата на Суецкиот Канал ги доврши постапките за пуштање на овој брод, откако постигна договор за финансиска спогодба со сопственикот на бродот.

Поморски извори за АА изјавија дека бродот веќе запловил во меѓународните води на Медитеранот.

Египет се согласи на финансиска спогодба од 540 милиони долари, откако Управата на Каналот на почетокот на спорот побара околу 960 милиони долари.

Бродот во сопственост на јапонската компанија „Шоеи кисен KK“, долг околу 400 метри, како последица на силен ветер и песочна бура се насука во Суецкиот Канал на 24 март, а по интензивните активности е поместен на 29 март, со што Каналот е одблокиран за сообраќај.

Бродот пловеше од Кина во Холандија со речиси 220.000 тони стока, а несреќата предизвика криза во светскиот ланец на снабдување, посебно во Европа.

Околу 30 отсто од светскиот сообраќај на контејнерски бродови и околу 12 отсто од вкупната светска трговија со целата стока минуваат низ Суецкиот Канал долг 163 километри. Годишно низ тој вештачки прокопан канал пловат речиси 18.000 бродови и е главна поморска рута меѓу Азија и Европа.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.