Mehmet Yılmaz
10 Март 2018•Ажурирај: 11 Март 2018
БРАТИСЛАВА (АА) - Откако во Словачка беше убиен новинарот Јан Кучиак, кој ги истражуваше случаите за корупција во земјата, илјадници демонстранти излегоа на улиците на Братислава и побараа оставка од Владата, јавува Anadolu Agency (AA).
Демонстранти се собраа на плоштадот на Словачкото национално востание (СНП) и изразија незадоволство во врска со убиствата на словачкиот новинар Кучиак и неговата девојка, кои на 26 јануари загинаа во вооружен напад.
За време на протестот, кој се смета за најмасовниот собир на граѓани од 1989 година, па наваму, демонстрантите бараа оставка од Владата на Словачка. Освен во главниот град Братислава, антивладини протести се организираа и во другите градови низ целата земја.
Словачкиот премиер Роберт Фицо, вели дека случајот со убиството на новинарот Кучиак и неговата девојка, се користи како повод за дестабилизација на земјата. Од друга страна, претседателот Андреј Киска, ја повика Владата да направи коренити промени или во земјата да се распишат предвремени избори.
Словачкиот министер за култура, Марек Мадариќ, поднесе оставка откако беше убиен словачкиот новинар, а за информација, која би придонела за расветлување на овој случај, понудена е награда во износ од милиони евра.