Emre Aytekin
01 Декември 2020•Ажурирај: 02 Декември 2020
АНКАРА (АА) - Министерството за одбрана на Соединетите Американски Држави (Пентагон) истакна дека Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) ги финансираат руските платеници, што ги поддржуваат нелегитимните вооружени сили предводени од Калифа Хафтар, кои се борат против либиската Влада признаена од Обединетите нации (ОН), пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според веста објавена во „Форин полиси“ („Foreign Policy“), во извештајот подготвен од главниот инспектор на Пентагон, одговорен за антитерористички операции во Африка, утврдено е дека ОАЕ обезбедуваат финансиска поддршка на силите поврзани со руската компанија за безбедност „Вагнер“.
Безбедносната компанија, основана од Евгениј Викторович Пригожин, бизнисмен познат по својата блискост со рускиот претседател Владимир Путин, се обвинува за спроведување операции во регионите на нестабилност, што се во интерес на Русија. Исто така, се наведува дека безбедносната компанија има поврзаност со руската Армија и со разузнавачките служби.
Извештајот на Пентагон, исто така, може негативно да влијае на односите на САД со Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), нивниот сојузник во Заливот.
Демократите во американскиот Конгрес водат кампања за администрацијата на Трамп да ја запре продажбата на воените авиони „Ф-35“ на администрацијата на Абу Даби, во вредност од 23 милијарди долари.
Набљудувачите во земјата долго време тврдеа дека ОАЕ користат руски платеници за да ја сокријат улогата во либискиот конфликт.
Тврдењето за прв пат е признаено од американската администрација со извештајот на Пентагон.