Gülşen Topçu
13 Јуни 2021•Ажурирај: 14 Јуни 2021
РАМАЛА (АА) - Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху се обиде да се спаси по цена на палестинската крв, истакна денес палестинското Министерство за надворешни работи, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Нетанјаху се обиде да ги спречи политичките противници од формирање влада со ескалирање на тензиите на Западниот Брег и Кудс (Ерусалим)“, се вели во соопштението на Министерството.
„Нетанјаху и неговиот тим се потпираат на спиралата на крваво насилство од 2009 година за да го одбранат упориштето на десницата и радикалната десница во окупаторската држава“, се додава во соопштението. „Нетанјаху го прави сето ова за да се ослободи од обвинителната клупа во судницата по цена на палестинската крв и иднината на палестинските генерации.“
Со изненадувањето во последен момент - формирањето на израелската опозициска коалиција, таа најверојатно денес ќе добие 61 глас, колку што е потребно за да ја добие довербата на 120-члениот Кнесет, израелскиот Парламент.
Опозициската коалиција е составена од три десничарски партии: „Јамина“, предводена од Нафтали Бенет и партијата „Нова надеж“ на Гедеон Саар со по шест места, и партијата „Израел, наш дом“, предводена од Авигдор Либерман, со седум места.
Дел од блокот се и три центристички партии: Партијата „Има иднина“, предводена од Јаир Лапид со 17 места, Сино-белата партија предводена од Бени Ганц со осум места и Лабуристичката партија предводена од Мерав Михаели со седум места.
Блокот е комплетиран од левичарската партија „Мерец“, предводена од Ницан Хоровиц со шест места.
Коалицијата исто така има поддршка и од Обединетата арапска листа предводена од Мансур Абас, со четири места.
Доколку коалицијата ја добие довербата на Кнесетот, Бенет и Лапид ќе се менуваат на премиерското место, со тоа што секој од нив ќе биде премиер по две години од вкупно четиригодишниот мандат.