Rania R.a. Abushamala
14 Март 2024•Ажурирај: 15 Март 2024
РАМАЛА (АА) - Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ја пролонгира војната во Појасот Газа за да остане на власт, изјави палестинскиот министер за надворешни работи Ријад ал Малики, пренесува Анадолу.
Тој го изјави ова за време на состанокот со јужноафриканскиот амбасадор Шон Бенфелд во седиштето на Министерството за надворешни работи во Рамала, објави палестинската новинска агенција ВАФА.
„Нетанјаху не е заинтересиран за прекин на огнот. Напротив, тој сака да ја пролонгира војната што е можно подолго за да остане на власт“, рече Ал Малики.
Тој нагласи дека Израел „го користи гладот како оружје во војната, бидејќи има речиси 600.000 Палестинци кои се на работ на глад“, и го изрази своето разочарување од меѓународната заедница, бидејќи таа не прави доволно за да го притисне Нетанјаху.
Ал Малики ја нагласи неопходноста меѓународната заедница да ги исполнува своите одговорности кон палестинската кауза, потврдувајќи дека Палестина ќе продолжи да врши притисок врз Советот за безбедност на Обединетите нации (ОН) и Соединетите Американски Држави (САД) да се постигне прекин на огнот.
Тој укажа на опасноста од секојдневните напади на Израел врз палестинските кампови на Западниот Брег, уништувањето на инфраструктурата, убивањето на Палестинците и тековниот притисок врз жителите на камповите за да ги принудат да ги напуштат.
Во врска со тужбата за геноцид поднесена од Јужноафриканската Република против Израел во декември, Ал Малики ја изрази благодарноста од палестинското раководство и палестинскиот народ за историскиот став и застапувањето на Јужноафриканската Република против Тел Авив пред Меѓународниот суд на правдата во Холандија.
Ал Малики нагласи дека „овој правен, хуманитарен и морален напор е од најголема важност за разоткривање колку е корумпиран светот и неговите двојни стандарди“.
Тој додаде дека „привремените мерки од Судот (издадени во јануари) се многу важни за да покажат дека Израел сè уште продолжува со своите злосторства во Појасот Газа“.
Израел спроведува смртоносна воена офанзива врз Појасот Газа по прекуграничниот напад на палестинската група Хамас на 7 октомври во кој загинаа 1.163 лица.
Во израелските напади врз Појасот загинаа над 31.000 Палестинци, главно жени и деца, а над 73.000 се повредени.
Израелската војна принуди 85 отсто од населението на Газа внатрешно да се раселат поради целосната блокада на храна, чиста вода и лекови, додека 60 отсто од инфраструктурата на енклавата е оштетена или уништена, според Обединетите нации.
Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата. Привремената пресуда во јануари му нареди на Тел Авив да ги запре геноцидните дејства и да преземе мерки за гарантирање дека хуманитарната помош ќе стигне до цивилите во Газа.