Палестинка иселена од својот дом од Израел зборува за „болното искоренување“
- Нихаје ел-Кунди (54) изјави дека била иселена од својот дом во кампот источно од Тулкарем, каде што израелската Армија во изминатата година спроведуваше повеќекратни рации и уривања.
ТУЛКАРЕМ / ИСТАНБУЛ (АА) – Палестинка која беше принудно иселена од својот дом во бегалскиот камп Нур Шамс, на северот на Западниот Брег, вели дека тековните израелски воени операции го оставиле нејзиното семејство без засолниште, без лични предмети и без чувство на сигурност, опишувајќи го искуството како „не само раселување, туку болно искоренување“, јавува Анадолу.
Нихаје ел-Кунди (54) изјави дека била иселена од својот дом во кампот источно од Тулкарем, каде што израелската Армија во изминатата година спроведуваше повеќекратни рации и уривања.
Израелската Армија од јануари ги интензивираше операциите низ северниот дел на Западниот Брег, особено во бегалските кампови Џенин, Тулкарем и Нур Шамс, како дел од активностите за кои израелските власти тврдат дека имаат за цел да ја елиминираат идејата за „враќање на бегалците“.
Според локални проценки, повеќе од 50.000 Палестинци биле принудно раселени, при што многу семејства биле принудени да заминат без можност да ги земат своите лични предмети.
Масовното раселување повторно ги оживеа сеќавањата на Накба – масовното протерување и одземање имот на Палестинците за време на Арапско-израелската војна во 1948 година, кога многу семејства ги напуштиле своите домови и ги зачувале клучевите како симбол на надежта за враќање.
Во 2024 година, раселените семејства повторно беа принудени да бараат засолниште каде што можат, најчесто во домови без основна инфраструктура, без јасна слика дали и кога ќе можат да се вратат, додека Израел продолжи со уривањата во овие кампови.
- Чувство на искоренетост
Кунди е една од илјадниците палестински жени раселени од Нур Шамс. Таа сега живее со сопругот и ќерката во изнајмен дом во блиско село.
„Само оние што го доживеале ова можат да разберат низ што поминавме. Мислев дека таа куќа е мојот живот, место каде што секогаш ќе се вратам, без разлика колку сум уморна. А потоа, одеднаш, се најдов надвор од неа, без ништо со себе“, изјави таа.
„Немам ништо повеќе. Мојот мебел, златото, заштедите, дури и прстенот на мојата рака исчезнаа. Сè што штедевме со години е изгубено под урнатините на куќата“, додаде Кунди.
- Секојдневието стана мака
Таа вели дека принудното раселување било особено тешко, иако семејството е малобројно.
„Јас сум жена што може да се грижи за себе. Сопругот е со мене. Но и покрај тоа, многу страдав. Што прават семејствата со пет или шест члена, или оние со болни и стари лица?“, праша таа.
Домот во кој моментално престојуваат нема соодветна инфраструктура и услуги.
„Влеговме во зимата без греење, без мебел и без чувство на сигурност. Дури и наједноставните секојдневни работи станаа мака – готвење, перење, капење, па дури и спиење“, рече таа.
„Ја перам облеката и, бидејќи немам сушарница или греалка, чекам четири или пет дена за да се исуши. И најосновните апарати значат чувство на дом, а нивното отсуство боли исто како и губењето на големите работи“, додаде Кунди.
- Уништени спомени
Кунди изјави дека нејзиното семејство некогаш спиело мирно во својот дом, а сега се соочува со студ и здравствени проблеми во привременото сместување.
Нејзината ќерка тинејџерка, која порано имала сопствена соба, сега спие на подот, а таа се обидува да ја утеши дека состојбата е привремена.
Од фотографиите направени од соседите, Кунди дознала дека нејзиниот дом во Нур Шамс е тешко оштетен.
„Куќата е целосно разрушена. Мебелот е скршен, орманите превртени, фрижидерот е пробиен со куршуми. Документите, работите на мојата ќерка, спалните – сè е уништено“, рече таа.
- Раселување од генерација на генерација
Кунди изјави дека нејзината мајка, која сега има 100 години, исто така била раселена за време на Накбата во 1948 година.
„Мајка ми еднаш беше раселена, а сега повторно го доживува истото тоа. Она што се случува во Нур Шамс не е само уништување на куќите, туку и уништување на човечкото достоинство и приватност“, истакна таа.
Додаде дека израелските акции влијаеле врз сите аспекти од животот во кампот, вклучувајќи го образованието, здравствената заштита и секојдневието на децата.
„Куќите, училиштата, патиштата и јавните институции се цел. Моето искуство е само едно од стотиците слични случаи“, заклучи Кунди.
