Ekipa
28 Јуни 2018•Ажурирај: 28 Јуни 2018
ИСЛАМАБАД (АА) - Пакистан се соочува со акутен недостаток на вода предизвикан од драстичниот пад на водостојот во многу делови на шестата најнаселена земја во светот, јавува Anadolu Agency (AA).
Езерото Равал речиси целосно пресуши, а станува збор за резервоар од кој со вода се снабдува главниот пакистански град Исламабад и соседниот Равалпинди.
„Нивото на водата во езерото зависи целосно од нивото на водата во реката Коранг, која речиси пресуши поради недостаток на врнежи. Сите се надеваме дека монсунската сезона на дождови ќе започне следниот месец и ќе го зголеми водостојот“, изјави претставник на локалната администрација задолжен за заштита на езерото Равал.
Повеќето извори на вода за пиење во и околу Исламабад пресушија, а жителот на пакистанскиот главен град, Султан Кан, изјави дека населението е принудено водата за пиење и за сите други потреби да ја купува во маркетите.
Многу локални жители во Исламабад и другите пакистански градови во дворовите копаат бунари или прават свои резервоари за да обезбедат привремени сопствени залихи со вода.
Повеќенеделниот недостиг на вода веќе испразни дел од овие резерви. Експертите тврдат дека кризата ќе биде решена само со доаѓањето на монсунската сезона.
„Во најдобар случај, сезоната на монсуните ќе започне кон крајот на јули. Тоа ќе го зголеми водостојот, но дотогаш е критично“, рече директорот на Метеоролошкиот завод, Муштак Шах.
Нивото на водата во Исламабад овој период од годината редовно опаѓа во просек за еден метар, додека во јужната провинција Белуџистан ситуацијата е многу полоша, бидејќи нивото на водата се намали дури за шест метри.
Во изминатите неколку години, нивото на водата е драстично намалено во 26 од 43 езера што се користат во Пакистан за водоснабдување.
Експертот од Исламабад, Вали Јусафзаи, предупредува дека кризата во Пакистан претставува сè поголем проблем поради порастот на населението, климатските промени и несоодветната инфраструктура.
Пакистанското водостопанство (WAPDA) минатата недела побара од Парламентот да ги преземе неопходните мерки за ублажување на актуелната криза.
„Државата мора да преземе мерки за да се задоволат потребите на луѓето во екот на раст на населението, а пред сè да ги обнови и да отвори нови резервоари на вода“, рече директорот на Пакистанското водостопанство (WAPDA), Mунамил Хусеин.
Во април оваа година, Владата на Пакистан за прв пат спроведе политика за снабдување со вода, која предвидува десет отсто од развојниот дел од националниот буџет да се намени за оваа област, и оваа сума двојно да се зголеми во текот на следните 12 години. Воедно е најавена изградбата на браната „Диамер-Баш“ во северниот дел на земјата.