Behlül Çetinkaya
12 Март 2019•Ажурирај: 12 Март 2019
ИСЛАМАБАД (АА) - Заменик-генералниот директор на Anadolu Agency (AA) и главен уредник Метин Мутаноглу и заменик-генералниот директор Мустафа Озкаја се состанаа денес во Исламабад со пакистанскиот министер за информации, Фавад Чаудри, а по повод денешната церемонија на отворање на канцеларијата на АА во Исламабад, јавува Anadolu Agency (AA).
Заменик-директорот Озкаја, за време на состанокот го информираше министерот Чаудри за работата, активностите и глобалното дејствување на АА.
„Освен тоа што сакаме Пакистан да биде своевиден медиумски центар за вести од целиот регион, низ нашите вести сакаме да покажеме и дека Пакистан е сигурна и убава земја, односно земја која вреди да се посети“, изјави Озкаја.

Мутаноглу потсети дека АА има свои канцеларии во 41 земја на светот, и дека е еден од меѓународните медиуми кои имаат своја канцеларија во Пакистан.
Министерот Чаудри истакна дека Пакистан придава голема важност на односите со Турција.
„Нашата земја и народ имаат големо почитување кон турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган. Турција е единствена земја која отворено нѐ поддржа за време на последната криза на нашата земја со Индија. Во овој контекст, ние на Турција гледаме како на водечка и најзначајна муслиманска земја“, изјави Чаудри.
Тој изрази задоволство и по повод фактот што АА денес свечено ќе отвори своја канцеларија во главниот град на Пакистан и нагласи дека неговата земја сака јакнење на соработката со Турција во областa на медиумите и кинематографијата.
По состанокот со министерот Чаудри, претставниците на АА го посетија седиштето на јавниот Радио-телевизиски сервис на Пакистан (PTV).

Следуваше и посетата на амбасадарот на Република Турција во Пакистан, Ихсан Мустафа Јурдакул, кој за време на состанокот укажа на стратешката положба и економскиот потенцијал на Пакистан.
По состанокот со амбасадорот Јурдакул, челниците на АА се сретнаа и со Мухамед Камаручлах, заменик-генералниот директор на „Асошиејтед прес оф Пакистан“ („Associated Press of Pakistan“ APP).
Освен Мутаноглу и Озкаја, во делегацијата на АА која престојува во Пакистан се и главниот уредник за меѓународни вести, Фарук Токат, директорот на Одделот за меѓународни операции, Урал Јешил, уредникот на вестите на светски јазици, Мехмет Озтурк и шефот на маркетинг и глобалните комуникации на АА, Јилмаз Јаман.
Со цел јакнење на меѓународната мрежа, Anadolu Agency (AA) денес ќе отвори своја канцеларија во Исламабад, а на церемонијата на отворање се поканети и претставници на пакистанските медиуми.
По повод отворањето на канцеларијата на АА во Пакистан, на 14 март во најголемиот пакистански град Карачи, со учество на најзначајните медиуми од земјата, ќе бидат одржани и „Медиумски средби“, на кои, меѓу останатото, ќе биде презентирана и работата на АА.
Свое доаѓање на овој настан потврдија над 100 главни уредници и уредници од голем број пакистански медиуми.